Османи – Да се обединиме за Албанец премиер
Бујар Османи од ДУИ на прес-конференција им заблагодари на граѓаните кои, како што рече, и покрај пандемијата излегле во голем број да ѝ дадат легитимитет на наредната влада.
Тој ги повика партиите од албанскиот блок да се обединат околу идејата на Албанец премиер.
Чулев – Изборите минаа во мирна, фер и демократска атмосфера
Генерална оценка е дека овие избори минаа во мирна фер и демократска атмосфера, рече вечерва министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој рече дека до Министерството за внатрешни работи имало пријави за агитација, делење пари за гласање, пишување графири, фотографирање на гласачко ливче, напад на полициски службеник и други неправилности, но оти изборниот ден генерално го оцени за мирен.
Приведени биле осум лица поради расчистување на настаните – четворица поради фотографирање гласачко ливче, три лица за сторени прекршоци и едно лице кај кое биле пронајдени две гласачки ливчиња.
Николовски – Очекуваме сигурна победа на СДСМ
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој е и носител на кандидатската листа во третата изборна единица, вечерва рече дека според првичните информации коалицијата предводена од СДСМ е во огромно водство. Тој сепак не одговори колку пратенички места очекуваат.
„Со право очекуваме потврда на резултатите од анкетите и сигурна победа на СДСМ и чист мандат за коалицијата „Можеме“, рече Николовски.
Таравари - Во предност сме, очекуваме победа
Арбен Таравари од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вечерва на прес-конференција во Скопје рече дека информациите, што ги имаат од нивните штабови, покажуваат дека се во предност и очекуваат победа.
Но, според него, ова биле најнекоректни избори.