Јанушев – Засега водиме со 7-8 пратеници разлика
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој е и носител на кандидатската листа на неговата партија во третата изборна единица, рече дека по обработени 20 отсто од гласачките места, ВМРО-ДПМНЕ е во водство пред СДСМ од над 10 илјади гласови. Според овие бројки, предноста на ВМРО-ДПМНЕ се движи околу 7-8 пратеници, рече Јанушев.
Тој рече дека водат во повеќето општини, а од досега преброените гласови во Гази Баба, Аеродром, Кратово, Кривогаштани, Свети Николе и во Бутел водат со 2 спрема 1 во однос на СДСМ.
Мирен изборен ден, сите очекуваат победа
Над половина од гласачите го искористиле своето право на глас на денешните предвремените парламентарни избори. По завршувањето на гласањето СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците соопштија дека очекуваат победа. Првичните резултати се очекуваат доцна вечерва.
Излезноста заклучно до 20 часот и 45 минути изнесува 50,86 отсто.
Изборниот ден минаа мирно, со спорадични проблеми, велат од ДИК. И набљудувачите регистрираат помали неправилности.
Бајрами - Изборите се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број нерегулраности
Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето констатира дека парламентарните избори 2020 година се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број нерегуларности, соопшти вечерва јавниот обвинител Џелал Бајрами, претседател на Комисијата.
Падна сајтот на ДИК за објавување на резултатите од гласањето
Веб-страницата на Државната изборна комисија, на која треба да се објавуваат првичните резултати од предвремените парламентарни избори, повеќе од еден час не функционира.
Од ДИК велат дека станува збор за технички проблем, на чие надминување работат ИТ експерти. Резултатите од гласањето пристигнуваат во ДИК, но засега не можат да се гледаат на нивната веб – стрaница.