Скоро една третина од гласачите излегле на гласање до 15 часот
До 15 часот на гласање излегле 31,78 отсто од гласачите, соопшти ДИК. МВР постапува по пријавени настани поврзани со изборите. Изборниот ден поминуваат мирно, без поголеми неправилности, нотираат набљудувачите.
Најголем одѕив има во Четвртата изборна единица каде излезноста е 35,56 отсто, а најмала и понатаму е излезноста во Шестата изборна единица – 22,85 проценти.
Во некои рекански села никој не гласал до 15 часот
До 15 часот во некои села во регионот на Горна Река, Општина Маврово - Ростуше сè уште во гласачките кутии не е внесено ниту едно ливче, бидејќи не се излезени избирачите. Се работи за села со многу мал број жители.
„Сепак веруваме дека до крајот на гласањето ќе има некој глас во кутиите“, изјави заменик претседателот на Општинската изборна комисија Харис Ибраими за Радио Слободна Европа.
Во општината Маврово - Ростуше голем е бројот на печалбарите, кои поради пандемијата на коронавирус не успеаја да се вратат дома за гласање.
Одѕивот до 17 часот скоро 39 отсто, највисок во Крива Паланка
До 17 часот на гласање излегле 703.597 гласачи, што се 38,78 отсто од регистрираните избирачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски. Највисока излезност од 43,99 отсто има во четвртата изборна единица, во третата излегле 43,87 отсто, во првата 41,07 отсто, во петтата 38,22 отсто, во втората 36,98 отсто и најмал одѕив има во шестата изборна единица, каде што на гласање излегле 29,6 отсто од регистрираните избирачи.
Најголема излезност до 17 часот има во Крива Паланка, каде што гласале 58,7 отсто од гласачите, а најмала во Желино со 23,13 отсто.
МВР – Носеле маски со партиски симболи, сликале гласачки ливчиња...
На гласачко место во Аеродром претседателот на избирачкиот одбор побарал интервенција бидејќи жена влегла на гласање со маска на лицето на која имало партиски симбол и не сакала да ја смени. Откако интервенирала полицијата, таа ја симнала маската, по што ѝ било дозволено да гласа. Но, потоа 37-годишната жена на висок тон се расправала со полицајците, не сакала да престане иако била опомената, па затоа била лишена од слобода.
Сликање на гласачки ливчиња имало во Дебар, Кичево и во Скопје.