ДИК – По обработени 94 отсто од гласачките места СДСМ води со 1,5 процентни поени пред ВМРО-ДПМНЕ
Коалицијата на СДСМ води со околу 1,5 проценти поени пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат податоците од обработени 93,96 отсто од гласачките места, соопшти вечерва портпаролот на Државната изборна комисија, Адмир Шабани. Тој рече дека вечерва нема да ја соопштат распределбата на пратеничките мандати, туку тоа ќе го направат утре по конечните проверки.
Вечерва ги соопштија само процентите на освоени гласови на цела држава, но не и според изборни единици.
Коалицијата предводена од СДСМ и Беса, според досегашните податоци, освои 36,13 отсто од гласовите, Коалиција на ВМРО-ДПМНЕ 34,65 отсто, ДУИ 11,57 отсто, Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива 8,78 отсто, Левица 3,96 отсто, ДПА 1,48 отсто и Интегра 1,33 отсто. Останатите учесници на изборите освоиле под 1 отсто од гласовите.
Јанушев - ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за состав на нова влада
ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за состав на нова влада, затоа што постојната е истрошена и време е за промени, рече генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
„Трката е неизвесна, ќе почекаме до утринава да ги видиме конечните резултати. Многу пати сме го кажале ставот со кога може да се преговара за идната влада, сепак да почекаме да видиме и финално како ќе бидат поделени мандатите“, рече Јанушев.
Ахмети: Орелот се врати, освоивме 12 мандати
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети прогласи победа на неговата партија во албанскиот блок, оценувајќи дека се обезбедени над 100 илјади гласови и 12 пратенички мандати.
„Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и апсолутна победа“, истакна Али Ахмети пред партиското седиште на ДУИ во Мала Речица.
Насер Зибери - Убедлива победа на концептот „прв премиер Албанец“
Кандидатот за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери пред новинарите во седиштето на партија изјави дека бележат убедлива победа во многу места низ државата.
„Резултатите, неофицијални прелиминарни се разбира, говорат за убедлива победа во речиси сите населени места од најјужните од Ресен, Битола, Струга и Дебар, завршувајќи со Лојане на север. Чекаме официјално од ДИК и тие резултати да се претворат во мандати, зашто мандатите ќе се утврдуваат врз основа на степенот на гласање“, истакна Зибери.