Николовски прогласи победа на СДСМ и коалицијата „Можеме“
Победа на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ прогласи генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој е и кандидат за пратеник. Неколку минути пред полноќ тој рече дека победуваат на предвремените парламентарни избори. На 75 отсто од обработени податоци, коалицијата „Можеме“ победува и продолжува понатаму уште повеќе и уште подобро, рече тој.
СДСМ води во единицата, четворката и петката, ВМРО-ДПМНЕ во двојата и во тројката, а ДУИ во шестката
Коалицијата предводена од СДСМ е во благо водство пред Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ по обработени 70 отсто од гласачките места, соопшти вечерва Државната изборна комисија. Според резултатите од обработени 2281 од вкупно 3480 гласачки места, СДСМ има 36,79 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ 35,77 отсто, ДУИ 10, 3 отсто, Алијанса за Албанците 8,13 отсто, Левица 4,16 отсто, Интегра 1,38 отсто и ДПА 1,33 отсто.
Коалицијата предводена од СДСМ води во првата, четвртата и петтата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ во втората и третата, а ДУИ победува во шестата изборна единица.
Османи - ДУИ убедлива победи во сите избирачки места во Тетово
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи на втората прес-конференција по завршување на изборниот ден наброја неколку градови и општини каде, според него, партијата извојувала убедлива победа.
„Во оваа прилика ќе ги набројам само местата каде според пристигнатите резултати имаме убедлива победа. ДУИ победува почнувајќи од Тетово со убедлива победа во сите избирачки места, голема разлика се бележи во Сарај, Чаир, Кичево, Теарце, Струга, Дебар, Битола, Преспа и Сопиште“, изјави Османи.
Падна сајтот на ДИК за објавување на резултатите од гласањето
Веб-страницата на Државната изборна комисија, на која треба да се објавуваат првичните резултати од предвремените парламентарни избори, повеќе од еден час не функционира.
Од ДИК велат дека станува збор за технички проблем, на чие надминување работат ИТ експерти. Резултатите од гласањето пристигнуваат во ДИК, но засега не можат да се гледаат на нивната веб – стрaница.