Достапни линкови

Нови инциденти во Белград - Демонстрантите со камења, полицијата со солзавец


Инциденти пред српскиот Парламент во Белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00

Инциденти пред српскиот Парламент во Белград

Демонстрантите ја гаѓаа полицијата со камења и факели, на што беше возвратено со солзавец. Во потиснувањето на демонстрантите учествуваше и полициската коњица. Повод за протестите во Србија се најавите за нов полициски час поради коронавирусот.

Припадниците на српската Жандармерија, некои со полициски кучиња, засилени со полициската коњица ги растераа демонстрантите од платото пред Народното собрание во Белград.

Жандармеријата направи кордон околу зградата на Парламентот, а демонстрантите се повлекоа во блискиот парк и во околните улици.

Насобраните демонстранти пред српскиот Парламент вечерва повторно ги нападнаа бројните полициски сили, кои го обезбедуваат. Демонстрантите ја гаѓаа полицијата со камења и факели, на што беше возвратено со солзавец.

Повод за протестите се најавите од српскиот претседател Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час и рестриктивни мерки поради зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус.

Судирите почнаа околу 20:30 часот, кога демонстрантите почнаа да ги гаѓаат припадниците на Жандармеријата со камења и шишиња, како и со пиротехнички средства. Демонстрантите ја урнаа металната ограда пред Парламентот и повеќе пати се обидоа да се качат до влезот, но Жандармеријата ги потисна со солзавец.

Поголемиот дел од насобраните демонстранти се повлекоа во паркот наспроти собранието, додека мал дел сè уште ги провоцираат и навредуваат полицајците.

Брнабиќ - Нема да има насилен преврат и анархија

Српската премиерка Ана Брнабиќ вечерва изјави дека ова се најнасилните протести досега во земјата, но дека во Србија нема да има насилен преврат и анархија.

„Кризниот штаб утре ќе се состане и ние ќе продолжиме да се бориме против коронавирусот и да ги спасиме здравствените работници и здравјето на луѓето, и ќе победиме“, рече Брнабиќ за ТВ Пинк, повикувајќи ги граѓаните да бидат дисциплинирани.

Таа посочи дека полициски час сè уште не е воведен, но дека мора да се борат за здравјето на луѓето и да балансираат заради зачувување на економијата.

Таа додаде дека државата ќе ги заштити и политичките противници и дисиденти, како Вук Јеремиќ, Сергеј Трифуновиќ, Драган Ѓилас, кои беа нападнати на протестите, но не и оние што сакаа да претепаат некого, затоа што насилството не би било дозволено.

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ претходно изјави дека полицијата има информации дека одредени учесници во вечерашниот протест пред Народното собрание во Белград планираат „одредени немири“ кога ќе падне мрак, но оти тоа „никому нема да му биде дозволено“.

Министерот за одбрана Александар Вулин, пак, оцени дека вечерашните судири на демонстрантите со полицијата се обид за предизвикување граѓанска војна во Србија.

Членката на Претседателството на владејачката Српска напредна странка Зоран Михајловиќ, пак, реагира дека е очигледно дека опозицијата нема друга политика „освен морбидното профитирање од болеста на граѓаните“.

Опозицијата обвинува за уфрлени провокатори

Во масата луѓе пред собранието се голем дел од опозициските лидери, собрани околу Сојузот за Србија, кои попладнево се собраа пред Филозофскиот факултет во Белград, каде побараа преодна влада во земјата и нов Кризен штаб во кој, како што ќе кажаа, ќе влезат вистински експерти епидемиолози.

Лидерот на опозициската Странка на слободата и правдата и еден од лидерите на Сојузот за Србија, Драган Ѓилас, на Твитер напиша дека власта на протестот испратила екипа хулигани со цел да ги нападнат лидерите на опозицијата. Тој ги демантира информациите на одредени медиуми дека бил нападнат на протестот.

Опозицискиот лидер Драган Ѓилас на протестите во Белград
Опозицискиот лидер Драган Ѓилас на протестите во Белград

На платото пред зградата на Парламентот биле нападнати и опозицискиот политичар Борко Стефановиќ, како и лидерот на Движењето на слободни граѓани, актерот Сергеј Трифуновиќ.

Обрадовиќ рече дека бил повреден во интервенција на Жандармеријата и оти има многу посериозно повредени од него.

Познатиот актер Трифуновиќ, пак, за порталот КРИК изјави дека го нападнале припадници на Левијатан.

Ова контроверзно здружение беше формирано како здружение за заштита на животните во Србија, но во последно време се претвори во ултрадесничарска организација на која животните ѝ се во втор план, а почесто се занимава со активистите, малцинствата и ЛГБТ заедницата.

На прашањето како бил повреден, Трифуновиќ рекол дека не знае, зашто го удирале од сите страни и дека бил удрен и „одозгора веројатно со тврд предмет“.

Повредата на главата, вели тој, ја санирал сам, без интервенција на службата за Итна помош.

„Ние дојдовме да го поддржиме протестот, но веќе стигнале... припадници на Левијатан кои застанаа во првите редови, сите во црно, сите на куп, „храбри“ како и секогаш кога се во толпа“, рече тој за КРИК.

„Тие се припадници на службите, но дали се тука со задача ова да не биде мирен протест, туку да биде сра** не знаеме. Но, можно е да се уфрлени токму затоа, да се уфрлени да фрлат дамка“, додава Трифуновиќ.

Тој рече дека протестот го узурпирале фашисти и разни групи десничари. Трифуновиќ изјави дека тој и неговите колеги ќе се обидат да се соберат, но оти „мора да се раздвојат од стоката“.

На протестот пред Парламентот била навредувана и тричлена екипа на Радио-Телевизија Србија

Еден од членовите на екипата за новинската агенција Бета изјави дека неколку момчиња им дофрлале погрдни зборови: „Одете си, каде бевте синоќа“.

На синоќешните насилни протести во Белград, против најавите на претседателот Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час, поради зголемениот број заразени од коронавирус, група демонстранти упаднаа во српското Собрание. Полицијата употреби сила и солзавец да ги растера. Денеска има барање за истрага за полициска бруталност и прекумерно насилство.

Претседателот Вучиќ денеска изјави дека синоќа протестирале криминалци и оти тој се залага за полициски час, но во владата има противење.

Демолирана Градската куќа во Нови Сад

Неколку илјади луѓе вечерва се собраа на протест и во главниот град на Војводина, Нови Сад, каде што побараа оставка на членовите на Кризниот штаб за борба против пандемијата на коронавирус, но и на челните луѓе на државата. На протестите има инциденти кои ги предизвикуваат припадници на десничарски организации.

Искршени стаклата на Радио-телевизија Војдводина во Нови Сад
Искршени стаклата на Радио-телевизија Војдводина во Нови Сад

Демонстрантите запалија оган на влезот во Градската куќа, која е седиште на градоначалникот и на Градскиот совет, а го оштетија и блискиот ресторан на Мекдоналдс. Повеќе од половина час демонстрантите ја демолираат зградата на локалната власт, а полицијата не реагира ниту е во близина. Демонстрантите ги кршат прозорците и уфрлаат запалени факли низ нив, кои некој во објектот ги гасне.

На почетокот на протестите имаше неколку илјади луѓе, а сега се останати околу 1000, кои пеат песни за Косово и извикуваат пароли против претседателот Александар Вучиќ.

Пред тоа беше скршено стаклото на влезната врата на Радио-телевизија Војводина (РТВ), а еден маж се исекол на стаклото и многу крварел по што бил пренесен во болница.

На чело на колоната имаше стотина десничари кои повикуваа на кршење на РТВ. Пред телевизијата дојде и до мал судир меѓу демонстрантите. Десничарите фрлаа со шишиња и лименки кон телевизијата, а вработените им ги враќаа од прозорците на зградата.

По кршењето на вратата, пред РТВ дојде интервентна полиција под полна опрема и постави кордон пред влезот. Демонстрантите ја гаѓаат полицијата со лименки и камења, пренесува Бета.

Биле каменувани и просториите на владејачката Српска напредна странка, а излозите на просториите се искршени.

Меѓу демонстрантите има луѓе со различни политички ориентации. Едни носат транспаренти „Кој тебе со пендрек, ти него со револуција“, а други со наратив „Не го даваме Косово“.

На почетокот на протестот имаше расправа меѓу левичарските и десничарските организации за барањата на протестот.

Протестен марш и во Ниш

Околу две илјади граѓани на Ниш вечерва се собраа на протест во центарот на градот, незадоволни од актуелната државна власт, мерките кои се преземаат во борбата против ковид-19 и како поддршка на демонстрантите во Белград.

Протести во Ниш
Протести во Ниш

Тие маршираа низ улиците во центарот на Ниш.

Поворката е мирна и нема инциденти, а граѓаните постојано извикуваат пароли против претседателот Александар Вучиќ и свират со свирчиња.

На протестот има главно млади луѓе и помал број повозрасни.

Протести има и во Крагуевац.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG