Достапни линкови

Вести

Тенисерот Ѓоковиќ позитивен на коронавирус

Новак Ѓоковиќ
Новак Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е позитивен на коронавирус. Најдобро рангираниот тенисер соопшти дека и неговата сопруга е заразена со вирусот, додека тестовите на нивните деца се негативни.

Веста доаѓа откако и други тројца тенисери Борна Ќориќ од Хрватска, Григор Димитров од Бугарија и Виктор Троицки од Србија објавија дека се позитивни на вирусот откако учествуваа на турнирот Адрија во Белград кој беше организиран од Ѓоковиќ.

Троицки соопшти дека и неговата бремена сопруга е заразена. Позитивни на вирусот се и фитнес тренерот на Ѓоковиќ и тренерот на Димитров, италијанецот Марко Паники и германецот Кристијан Грох.

Тенисерот Димитров е заразен со коронавирусот

Финалето на турнирот Адрија кое требаше да се одржи на 21 јуни беше откажано откако Димитров ја извести јавноста за неговата здравствена состојба. Ѓоковиќ беше цел на критики за организација на турнирот.

Тенискиот турнир во Задар прекинат, политичари во самоизолација

види ги сите денешни вести

Вишиот суд во Нови Сад повторно одби да му одреди притвор на Весиќ

Горан Весиќ
Горан Весиќ

Високиот суд во Нови Сад го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад да му одреди притвор на поранешниот министер за транспорт, градежништво и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, обвинет за падот на настрешницата, соопшти оваа судска институција на 10 јануари.

„Со одлуката на судот, меѓу другото, се посочува дека на 27.11.2024 година на тогаш осомничениот Горан Весиќ му бил прекинат притворот поради немање основано сомнение дека го сторил кривичното дело кое сè уште му се става во обвинението, дека обвинението сега е во фаза на мериторно испитување во смисла на член 337 од Законот за кривичната постапка, а дека предлогот на јавниот обвинител да определи притвор во оваа фаза од постапката, за обвинетиот Горан Весиќ, остана нејасен и необразложен, особено имајќи предвид дека обвинителот не наведува нови факти и околности кои би го поткрепиле неговиот предлог“, се наведува во соопштението на Вишиот суд во Нови Сад.

На 31 декември, Вишиот суд одлучи да не му одреди притвор на Весиќ, но на 8 јануари Апелацискиот суд во Нови Сад му наложи на првостепениот суд повторно да одлучува по ова прашање.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на „Железничка инфраструктура на Србија“ Јелена Танасковиќ.

Меѓу обвинетите е Небојша Шурлан, поранешен генерален директор на „Инфраструктура железнице Србија“.

Од 13 обвинети, 10 се во притвор, додека Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.

Во падот на настрешницата од железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, а двајца се тешко повредени.

Трагедијата се случи четири месеци по свеченото отворање на зградата на станицата, а по тригодишната реконструкција.

ЕУ и исплати три милијарди евра на Украина

Знамиња на Украина и ЕУ (илустрација)
Знамиња на Украина и ЕУ (илустрација)

Европската Унија денеска и исплати три милијарди евра на Украина, како прва транша од уделот на ЕУ во заемот договорен во рамки на групата Г7.

Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овие средства ќе и дадат финансиска моќ на Украина да продолжи да се бори за својата слобода и да надвладее.

„Речиси три години од руската агресивна војна, Украина може да продолжи да смета на своите пријатели и партнери“, додаде Фон дер Лајен.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, пак, оцени дека Русија мора да ја плати цената за војната во Украина што таа ја започна.

„Денеска Украина ќе добие три милијарди евра од нашиот заем од Г7, кои ќе бидат исплатени од средствата од руските замрзнати активи“, нагласи Калас.

Според неа, овие средства ќе претставуваат поддршка за економијата на Украина и ќе и овозможат на земјата дел од своите пари да намени за одбраната.

Рекордно жешка 2024 година, научниците велат дека прагот на затоплување бил надминат

илустрација
илустрација

Минатата година беше најтоплата досега и прва што го надмина клучниот праг на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските температури, велат научниците.

Агенцијата на ЕУ за климатски промени Коперникус ги потврди претходните проекции дека 2024 година ќе биде најтоплата година забележана на глобално ниво и навистина е првата календарска година во која просечната температура надмина 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа.

Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот се примарен двигател на рекордните температури, додека други фактори како временскиот феномен Ел Нињо во Тихиот Океан, кој ги зголемува глобалните температури, исто така имаа влијание.

Анализата на Метеоролошката канцеларија на Велика Британија, Универзитетот во Источна Англија и Националниот центар за атмосферска наука, исто така, покажа дека 2024 година беше најтоплата досега и веројатно првата година која надмина 1,5 Целзиусови степени.

Експертите за клима велат дека само една година со просечна температура од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, не значи дека светот го достигнал тоа ниво на глобално затоплување, иако тие издадоа предупредувања за тоа колку е блиску сега.

Правењето напори да се спречи глобалното затоплување да надмине 1,5 °C над прединдустриските температури е една од клучните обврски на глобалниот Париски договор што земјите го договорија во 2015 година, во обид да ги спречат најопасните влијанија од климатските промени.

Анализата покажа дека глобалната просечна температура во 2024 година била 1,53 °C над просекот од 1850-1900 година. Анализата исто така нагласува дека на глобално ниво, секоја од изминатите 10 години била една од најтоплите 10 години досега.

Кремљ: Бајден му остава отровно наследство на Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин (десно) и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков (лево)
Рускиот претседател Владимир Путин (десно) и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков (лево)

Кремљ ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека се обидува да му го остави на новоизбраниот претседател Доналд Трамп најтоксичното можно наследство и дека затоа Бајден би можел да воведе последен круг санкции кон Москва.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков овие коментари ги даде на денешната конференциска врска со новинарите (10 јануари).

Американски официјален претставник вчера рече дека Бајден неделава ќе претстави нови санкции насочени кон руската економија, како мерка за зајакнување на воените напори на Киев против Москва пред Доналд Трамп официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари.

Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.

„Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат“, рече американскиот функционер.

За тоа кога би се случила средба меѓу рускиот претседател Путин и новиот претседател на САД Трамп, Песков не даде детали.

Запрашан за коментар околу најновиот пакет воена помош од САД за Украина, Песков рече дека Бајден е одлучен во своите последни денови власт да се осигура дека војната ќе продолжи.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.

Русија води војна против соседна Украина од 24 февруари 2022 година. Западот го поддржува Киев во неговата одбрана.

Украинските власти стравуваат дека американската поддршка за Украина може да се намали откако Трамп ќе ја преземе функцијата.

По оставката на Трудо, Либералната партија ќе избира нов лидер на 9 март

Џастин Трудо
Џастин Трудо

Либералната партија на Канада (ЛПК) соопшти на 9 март ќе избира нов лидер откако Џастин Трудо најави повлекување од лидерската функција.

„Либералната партија на Канада на 9 март ќе избере нов лидер и ќе биде подготвена да се бори и да победи на изборите во 2025 година“, се наведува во партиското соопштение.

Името на новиот лидер на најверојатно ќе биде објавено на денот на изборите.

Трудо минатата недела соопшти дека се повлекува од партијата, која ја води од 2013 година. Сепак, тој посочи дека ќе продолжи како премиер и лидер на либералите додека не се избере неговиот наследник.

Трудо беше под силен притисок од пратениците на ЛПК кои бараа негова оставка поради пад на рејтингот на либералите во анкетите.

Канадскиот весник „Глоуб и мејл“ (Globe and mail) објави дека поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд и поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни се подготвени да се приклучат на трката за нов лидер на партијата.

Трудо (53) ја презеде функцијата премиер во ноември 2015 година, а потоа двапати беше реизбран. Тој е канадски премиер со најдолг стаж.

Сепак, неговата популарност почна да опаѓа пред две години поради незадоволството на јавноста од високите цени и недостигот на станови.

Кос: Во наредните месеци ќе има важни одлуки за проширувањето на ЕУ

Европската комесарка за проширување Марта Кос
Европската комесарка за проширување Марта Кос

Европската комесарка за проширување Марта Кос најави дека во следните месеци на агендата ќе има многу важни одлуки за проширување на Европска Унија.

„Многу важни одлуки за проширувањето на ЕУ ќе бидат на нашата агенда во наредните месеци, а полското претседателство со Советот на ЕУ има големи амбиции. Ајде да работиме заедно за да изградиме посилна и пообединета Унија за да ги зачуваме мирот, слободата и безбедноста на нашиот континент“, напиша Кос на платформата Икс.

Таа додаде дека ќе разговара со полскиот министер за ЕУ Адам Шлапко и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски како брзо и ефикасно да се унапреди процесот.

Новата еврокомесарка за проширување е од Словенија, а на функцијата го наследи Унгарецот Оливер Вархеји.

Мандатот на новиот состав Европска комисија ќе започне на 1 декември.

Најмалку 10 жртви во пожарите во Лос Анџелес, евакуирани 180000 луѓе

Хеликоптер гасне пожар во Вест Хилс, Лос Анџелес, 9 јануари 2025
Хеликоптер гасне пожар во Вест Хилс, Лос Анџелес, 9 јануари 2025

Бројот на загинати во застрашувачкиот бран шумски пожари што зафати неколку делови на Лос Анџелес се искачи на најмалку десет. Пожарот „проголта“ околу 10 000 куќи и други згради, а бројот на евакуирани граѓани се искачи на околу 180 000.

Пет пожари сè уште се активни во и околу овој град во американската сојузна држава Калифорнија.

Материјалната штета сега се проценува на 150 милијарди долари.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој прогласи голема катастрофа на 7 јануари, два дена подоцна вети дека федералната влада целосно ќе ги покрие трошоците за опоравување од пожарот во следните 180 дена, што вклучува отстранување на остатоци и опасни материјали, изградба на привремени засолништа и плати за итните служби на терен.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас од редовите на Демократската партија, соочена со критиките на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци за справување со катастрофата, изјави дека веќе размислуваат како брзо да го обноват градот.

Најголемиот пожар во Палисадес е локализиран само шест проценти. Досега изгоре речиси 20000 хектари. Итон изгорел 14000 хектари и не бил изгаснат. Последен избувна пожарот во Кенет, тој не е под контрола и зафатил 960 хектари. Во пожарот Херст изгореа 700 хектари, а десет отсто од пожарот е локализиран.

Агенцијата АП наведува дека областа зафатена од пожарот изгледа како да е бомбардирана.

Бројни авиони фрлаат противпожарни средства и вода на запалените ридови, а напорите се потпомогнати од ослабените ветрови, кои претходно дуваа со брзина на урагани. Во вторник на 14 јануари се очекува има нов бран силни ветришта.

Без своите домови во пожарите останаа и некои познати личности, како што се актерите Били Кристал, Џејмс Вудс, Адам Броди и наследничката на синџирот хотели Хилтон, Парис Хилтон.

Пресуда за тројца од адвокатите на Навални обвинети за „екстремизам“

Вадим Кобзев, Алексеј Липцер и Игор Сергунин
Вадим Кобзев, Алексеј Липцер и Игор Сергунин

Рускиот суд треба да осуди тројца адвокати кои работеа за опозицискиот политичар Алексеј Навални и беа обвинети во 2023 година за обвиненија за „екстремизам“.

Рочиштето за изрекување на пресудата за адвокатите Вадим Кобзев, Алексеј Липцер и Игор Сергунин треба да започне на 10 јануари во 10 часот по локално време во Владимирската област источно од Москва.

Тие се обвинети за учество во „екстремистичка“ организација, обвинение кое предвидува максимална казна од шест години затвор. Обвинителите бараат затворски казни од најмалку пет години за секој од адвокатите.

Се очекува тие да бидат прогласени за виновни бидејќи ослободителните пресуди се практично нечуени во руските судови, особено во политичките случаи.

Антикорупциската фондација на Навални (ФБК) и другите групи на Навални беа означени како екстремистички и забранети во Русија во 2021 година.

Судењето на Кобзев, Сергунин и Липсер започна во септември и се одржа зад затворени врати, но пресудата треба да биде отворена за медиумите.

Истражителите рекоа дека адвокатите го користеле својот „статус“ за да пренесуваат пораки меѓу Навални и неговите соработници, помагајќи му да „спроведува екстремистички активности од зад решетки“. Две други поранешни адвокати на Навални, Александра Федулова и Олга Михаилова, побегнаа од Русија минатата година.

Пред неговата смрт, Навални го осуди апсењето на адвокатите како „безобразно“, велејќи дека тоа е дел од кампањата за понатамошна изолација во затвор.

Критичарот на Кремљ почина во сомнителни околности во арктичка затворска колонија во февруари 2024 година. Неговите соработници рекоа дека тој бил убиен, најверојатно по наредба на Кремљ, што Кремљ жестоко го негираше.

Навални можеше да комуницира од својата затворска ќелија, со неговите критики за целосната инвазија на Русија на Украина и саркастични коментари, а често и за условите во кои тој беше задржан, на социјалните мрежи.

Кобзев беше најпознатиот член на адвокатскиот тим на Навални кој го бранеше на суд.

Интерпелациите против Меџити, Стоилковиќ, Тошковски, Исени и Даути на дневен ред во Собранието

Собраниска седница (архивска фотографија)
Собраниска седница (архивска фотографија)

Собранието денеска (10 јануари) треба да ја започне 29-тата седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.

Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата денеска.

Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од коалицијата Влен, СДСМ и Левица ќе гласаат против четирите интерпелации, поднесени по случувањата на прославата на Денот на албанското знаме.

Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден или во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите од Штип кажа дека за време на денешната дебата за интерпелациите на Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исени очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.

Вицепремиерот Меџити вчера во изјава за медиумите во Тетово коментираше дека поднесувањето интерпелација против неговата работа е демократски чекор што опозициската партија го користи само за партиска корист и спротивно на државните интереси.

Пратеничката група на СДСМ, како што изјави во средата портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Меџити и Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.

update

Сиљановска-Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен, намерата не е чесна

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова

Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање, изјави денеска (9 јануари) претседателката Гордана Сиљановска Давкова коментирајќи ја изјавата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата во интервју за ТВ Алфа, изјави дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.

Претходно реагираше и македонското Министерство за надворешни работи, осудувајќи ја изјавата на Костадинов и опишувајќи ја како злонамерна.

И опозицискиот лидер, Венко Филипче, ги осуди изјавите на Костадинов и ги нарече иредентистички.

Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Бугарија сака Северна Македонија да го признае бугарското малцинство како национално малцинство. За да се постигне тоа, потребни се уставни измени.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски смета дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.

Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскио премиер на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите, во октомври 2024 година.

За усвојување на уставните амандмани потребно е двотретинско мнозинство. Парламентарното мнозинство во Северна Македонија во моментов се состои од 78 пратеници од вкупно 120 во Собранието.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG