Лајчак и Тачи за соработка меѓу ЕУ и САД во дијалогот Приштина-Белград
Новиот специјален претставник на Европската унија во разговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, за прв пат го посети Косово. Тој во Приштина оствари средби со претседателот Хашим Тачи и со други лидери. Лајчак рече дека ќе работи и со Приштина и со Белград за да постигне сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализирање на односите што ќе ги решат сите засегнати прашања. Посетата на Лајчак беше засенета откако еден ден претходно американскиот посредник за Косово и Србија, Ричард Гренел, рече дека добил потврда од двете држави да се состанат во Вашингтон на 27 јуни. Гренел рече дека обете страни ќе се состанат во Белата куќа за да се обидат да ги продолжат разговорите што се во мирување повеќе од една година.