Рекорден број на заболени од Ковид – 19 се регистрирани во изминатите 24 часа, откако од коронавирусот се инфицирани 180 луѓе, како што соопшти Министерството за здравство. Во истиот период починаа две лица.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешна прес-конференција рече дека продолжува тестирањето на сите контакти на заболените во кризните општини и дека од вчера до денес таргетирано се тестирало, по што кластерската анализа на новодијагностицираните покажала дека околу 15 семејства вкупно носат 90 проценти од новите случаи.
„Што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери. Има и нови спорадични случаи кои не можат да се поврзат во овие семејства, што е доказ дека вирусот постои“, рече Филипче.
Филипче истакна дека е несомнено дека „имаме втор бран“ кој е резултат на непочитување на мерките за групирање и собири, како што покажале епидемиолошките прашалници, но и дека зголемениот број е очекуван поради начинот на тестирање применет во изминативе денови, со оглед на голем број асимптоматски случаи. Во Чаир и во Бутел се најголем број на асимптоматски случаи.
„Сметаме дека бранот многу кратко ќе трае, но остануваме максимално внимателни и претпазливи. Вирулентноста значајно слабее, анализата на симптомите во изминатите седум дена покажува дека има огромен број на случаи кои се асимптоматски и со многу лесни симптоми, близу 90 проценти, но ова не треба да значи дека вирусот не е опасен и ова е уште еден факт дека граѓаните треба да внимаваат и да ги почитуваат мерките“, рече Филипче.
Нови 180 случаи на Ковид -19, двајца починати
Од новите 180 нови случаи на Ковид -19, Министерството за здравство информираше дека во Скопје има 109 новозаразени, во Куманово 26, Дебар 1, Штип 15, Тетово 12, Струга 1, Велес 1, Битола 1, Охрид 1, Гостивар 8, Гевгелија 2, Валандово 1, Свети Николе 1, Неготино 1. Според податоците на институцијата истовремено почиати се двајца пациенти.
Направени се вкупно 1.272 тестирања, додека Институтот за јавно здравје регистрирал и 11 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 34.386 тестирања на Ковид -19. Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од Ковид -19 од почетокот на епидемијата изнесува 2790 луѓе, активни се 1.009 случаи, а 149 луѓе починаа.
Филипче наведе оти смета дека последната одлука за забраните е издржана и апелираше граѓаните да ја почитуваат. Тој укажа дека зравствениот систем не е во ризик.
Во однос на хоспитализирани пациенти, на Инфективната клиника во изминативе 24 часа се примени пет пациенти и уште пет се префрлени од болницата „8 Септември, со што вкупно има 53, но нема ниту еден на механичка вентилација.
Во болницата „8 Септември“ вкупно има 27 пацеиенти позитивни на вирусот, од кои седум се на респиратона машина и уште шест со потешка клиничка слика“, изјави Филипче додвајќи дека во болницата во Битола се хоспитализирани девет пациенти, во Штип 19 и на другите инфективни одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп 29 пациенти. Има и 11 заразени здравствени работници во болницата „8 Септември“.
Бугарија со задолжителен карантин за македонските граѓани
Инаку пради растечкиот број на заразени од коронавирус во земјава, бугарското Министерство за здравство издаде наредба со која се воведува 14-дневен задолжителен карантин за лица кои во државата влегуваат од Македонија. Со истата наредба се прекинува 14-дневниот карантин за граѓани кои во Бугарија ќе допатуваат од Босна и Херцеговина и од Црна Гора.
И двете промени се предложени од државниот здравствен инспектор по оценката за епидемиолошката состојба и ризикот од ширење на Ковид-19 во Бугарија.
Во однос на бројот на заразено во земјите од регионот, Србија досега регистрираше 11.571 случаи, Босна и Херцеговина 2.606, Хрватска 2.247, Словенија 1.479, Албанија 1.212, Косово 1.147 и Црна Гора 324.
Во Бразил бројот на починати поголем отколку во Италија
Коронавирусот (SARS-CoV-2) се појави во Кина на крајот на 2019 година. Вирусот предизвикува зголемена температура, воспаление на белите дробови, а може да доведе и до смрт. Болеста која ја предизвикува вирусот се нарекува Ковид -19.
Освен во Кина, инфекции има во повеќе од 180 земји во светот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет Џон Хопкинс.
Најголем број на заразени во моментов има во САД – 1.872.660, Бразил – 614.941, Русија – 449.256, Велика Британија 283.080, Шпанија – 240.660.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека во некои држави е забележан раст на бројот на заболени од Ковид -19 по олеснувањето на мерките и дека населението мора да се заштити од коронавирусот, а властите да продолжат со тестирање.
Епицентарот на пандемијата во моментов е во Централна, Јужна и Северна Америка, како што наведе портпаролката на СЗО Маргарет Херис.
„Да, забележавме пораст на бројот на случаи ширум земјите во светот. Не зборувам конкретно за Европа, кога се ублажени забраните и м ерките за социјално дистанцирање. Луѓето тоа понекогаш го сфаќаат како „ОК“ сега е готово“, изјави Херис на прес-конференција во Женева.
Таа додаде дека пандемиајта не е завршена се додека го има вирусот било каде во светот.