Достапни линкови

Короната добар момент за дијалог за минимална плата во ЕУ


Евра
Евра

Обезбедувањето на сигурна и фер минимална плата за работниците во земјите од ЕУ ќе придонесе и за поефикасно закрепнување по корона кризата, смета Европската Комисија.

Фер минимална плата во земјите на Европската Унија е темата на која Европската Комисија врши консултации со синдикалните и организациите на работодавачи. Оваа иницијатива, еден од приоритетите на Комисијата под водство на Урсула фон дер Лајен, има за цел да се намали нееднаквоста и сиромаштијата меѓу вработените во ЕУ, се наведува во соопштението на Комисијата.

Иницијативата добива и нова димензија во време на пандемијата со коронавирусот особено поради негативните ефекти од корона кризата врз економијата и бизнисот.

„Овозможувањето сите работници во ЕУ да заработат за достоен живот е клучно за закрепнувањето како и за градењето на фер и отпорни економии, а минималните плати имаат голема улога во остварувањето на таа цел“, велат до Комисијата.

Идејата за минимална плата во ЕУ е стара повеќе од две децении, пишува Гардијан. Тогаш Комисијата предложила директива за минимален приход во ЕУ, но наместо обврзувачка оваа идеја останала само како препорака откако не добила поддршка од сите земји членки.

Консултациите за постигнување на фер минимална плата се во втора фаза. Првата фаза на социјален дијалог се одвиваше во јануари оваа година и заврши на крајот на февруари. По добивањето на одговор од повеќе од 23 партнери во дијалогот, Комисијата донесе заклучок дека е потребна понатамошна акција по ова прашање.

„Како што работиме на инклузивно заздравување од корона кризата, сакаме да бидеме сигурни дека сите работници во ЕУ се заштитени преку фер минимална плата, која ќе им овозможи заработка за достоен живот каде и да работат“, изјави еврокомесарот и вице претседател за економски прашања Валдис Домбровскис по одржувањето на состанокот од втората фаза консултации.

ЕУ нуди 3 милијарди евра заеми за источните соседи
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:28 0:00

Најпогодените земји од коронавирусот со поддршка за идејата

Оваа идеја ја поддржуваат Шпанија, Италија и Португалија кои се меѓу најпогодените земји од коронавирусот кој предизвика тежок удар и врз нивните економии.

„Ова е моментот во кој треба да се дебатира за социјалната заштита“, вели Пабло Инглезијас лидерот на Подемос и заменик министер за социјални права во Шпанија.

„Сите оние кои ќе се најдат во ранлива ситуација треба да имаат пристап до механизми за заштита кои ќе им овозможат да имаат храна во фрижидерот и да се грижат за нивните семејства“, изјавува Инглезијас за Гардијан.

Европската мрежа против сиромаштија во април упати писмо до еврокомесарот за трус и социјални права Никола Шмит во кое бараат Комисијата да ги заштити граѓаните од ризикот од сиромаштија, поради силниот удар на корона кризата, преку обезбедување на еднаков, достапен и овозможувачки приход за сите.

„Европските столбови за социјални права се ‘сите кои немаат доволно ресурси имаат право на соодветен минимум приход што ќе им овозможи достоен живот на сите нивоа’. Ова е време за храброст и лидерство и затоа бараме од вас комесаре Шмит да го докажете вашето лидерство и да презентирате рамковна директива за минимален приход во најбрзо можно време“, се наведува во писмото потпишано и од 25 европарламентарци.

Секој заслужува достоен стандард за живеење, се согласува еврокомесарот Шмит.

„Секој шести работник во ЕУ е класифициран како работник кој заработува малку и најголем број од нив се жени. Овие работници ги одржуваа во живот општествата и економиите кога се друго запре. Но парадоксално, тие исто така ќе бидат и најпогодени од корона кризата. Работењето кон создавање на иницијатива за минимална плата во ЕУ е значаен елемент во нашата стратегија за заздравување“, изјави Шмит по состанокот.

Никола Шмит, еврокомесар за труд и социјални права
Никола Шмит, еврокомесар за труд и социјални права

Оваа идеја ќе биде и во фокусот на германското претседателство со Унијата кое започнува во јули.

„Германското претседателство нагласи дека има намера да ја разгледува оваа клучна тема и ние ќе работиме заедно за можно решение“, вели Шмит во одговор за Гардијан.

Според податоци од Комисијата, просечната минимум плата е еднаква на платата која ја заработува средовечна жена со средно образование. Најголем број од работниците кои примаат минимална плата се на возраст помеѓу 25 и 49 години, пренесува Еуроактив.

Според податоците на Евростат од јануари 2020 година, постојат и големи разлики од една до друга земја членка на ЕУ во висината на минималната плата. Таа изнесува повеќе 2.000 евра во Луксембург, а малку над 250 евра во Бугарија.

Иако ваквата разлика треба да се гледа и низ призмата на висината на трошоците за живот во секоја земја поединечно гледано долгорочно таа разлика може негативно да влијае на единствениот пазар, се наведува во проценките на Комисијата.

Сепак од таму потенцираат дека идејата за фер минимална плата не е да се воспостави униформирана европска минимална плата, ниту пак да се хармонизира системот за одредување на минимална плата.

„Секоја можна мерка ќе се примени различно во зависност од поставеноста на системот на минимална плата и традициите на секоја земја членка на ЕУ, со целосно почитување на националните надлежности и договорите постигнати со социјалните партнери“, се наведува во соопштението на Комисијата.

Некои земји веќе имаат воспоставено одлични системи. Целта на Комисијата е да гарантира дека сите системи се соодветни, имаат голема покриеност, се поставени врз основа на темелни консултации со социјалните партнери и имаат соодветен механизам за нивно надградување.

Иницијативата за фер минимална плата е дел од пошироката дискусија која Комисијата ја започна за идниот Акциски план за целосно спроведување на европскиот столб за социјални права кој треба да биде претставен во 2021 година.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG