Ако до пред два месеца сите патишта во Битола водеа до Широк Сокак, сега најчестата дестинација каде се упатуваат битолчани се Шеталиштето и Паркот. Затворените кафулиња ја преполовија посетеноста на амбиенталната улица Широк Сокак, а убавото време ги привлече битолчани во зеленило. Посетеноста е голема, од младо до старо, а ретко кој носи маска и ги почитува препораките за држење дистанца од два метри. Младите седат групирани во друштва по тревниците, постарите по клупите поседнати еден до друг, а наоколу други трчаат, се рекреираат, пешачат, возат со велосипеди.
„Каде што мора да ги стават, ги носат, но повеќето ги држат во раце.“
„Заедно со пријателот седиме на клупа и малку сме разделени.“
„Повеќето одат без маски, но секој за себе, јас не се откажувам од ова.“
„Ние младите ретко носиме маски, а и тие што со маска излегуваме од дома, во паркот ја вадиме зашто врсниците не носат маски и ни се смеат некои“, велат анкетираните битолчани.
Иако дел од граѓаните не носат заштитна опрема, сепак, полицијата досега изрекла само една казна за неносење маски во Битола. Дури и низ маркетите можат да се сретнат битолчани кои не носат маски. Во некои не ги примаат да влезат, а некои без проблеми пазаруваат иако не се придржуваат до натписот на влезот дека не е дозволено да влегуваат без маски.
Полабавиот однос можеби се должи на тоа што во Битола досега немаше поголем број на заболени. Вкупната бројка на лица кои се заразија со КОВИД-19 е под триесетина, од кои повеќето се оздравени, кај неколкумина болеста е во тек, а имаше два смртни случаи. Од болеста се заразија лица од 5 до 85-годишна возраст, повеќе мажи од жени. Меѓу нив и осуммина здравствени работници, кои веќе се излекувани. Во хотел Широк Сокак при Епинал и во Молика на Пелистер беа сместени во карантин неколку стотици лица кои се вратија од странство, но меѓу нив немаше заболени лица од КОВИД-19.