Достапни линкови

Здравјето е причина или изговор за избори во јуни или август?


Лидерска средба на 18 мај 2020
Лидерска средба на 18 мај 2020

Дали на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните им е вистинска причина за тоа дали изборите треба да се одржат во јуни или во август, или тоа е само изговор поврзан со партиските интереси и рејтинзи. Експертите со поделени ставови.

СДСМ инсистира изборите да се одржат при крајот на јуни, односно конкретно на 21 наредниот месец, а ВМРО-ДПМНЕ бара гласањето да биде на крајот на август или почетокот на септември.

Улогите за разлика од минатото се променија и сега СДСМ е партијата која посакува избори во првиот можен термин за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која претходно бараше спроведување на предвремени избори.

Но, обвинувањата останаа исти. СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека се плаши од пораз, а опозициската партија дека на владејачката партија и се брза за да го ублажи поразот.

И двете партии се согласни дека здравјето на граѓаните е причината за нивниот став за тоа кога треба да се излезе на гласање, но и по две лидерски средби на кои домаќин беше претседателот Стево Пендаровски партиите соодветен термин кој би им одговарал на сите не најдоа.

„СДСМ е свесна дека добро се носи со коронавирусот и дека резултатите коишто ќе ги покажат на изборите ќе бидат попозитивни за нив доколку бидат веднаш по завршување на вонредната состојба.

ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, никако не отстапува од тоа дека здравјето на граѓаните треба да не однесе на избори во септември или можеби дури и подоцна. Ја не би бил изненаден ВМРО-ДПМНЕ свесно се обиде да предизвика политичка криза во септември, затоа што се наближуваат крајните рокови кога Македонија дефинитивно ќе остане само со претседател и нема да има ниту една друга легитимна власт. Оваа Влада не може да трае вечно“, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.

Излезноста на избори во јуни би била помала отколку на крајот од летото, а проблем е и што бројката на новозаболени не се намалува и кај граѓаните нема да помине стравот од епидемијата, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Зошто СДСМ и во такви услови бара брзи избори, тој вели дека не е јасно.

„Со побрзо закажување на изборите факт е дека излезноста ќе биде многу помала. Дали сметаат дека таа помала излезност им одговара не знам навистина. Иако мислам дека за сите политички партии е најдобро да се обезбедат услови кадешто секој нивен можен поддржувач би можел да излезе да го даде својот глас. Мислам дека ако ги тргнеме оние политички калкулации настрана и ако сите седнат да разговараат околу тоа кога би било најдобро да се организираат избори, повторно ќе дојдеме до тој да речеме прозорец кој се појавува од крајот на август до крајот на септември. Подобро е да има политичка Влада, но не по цена на здравјето на граѓаните и не по цена на губење на политички легитимитет на наредната власт. Иако немаме цензус за парламентарни избори не е исто дали ќе излезат 30 отсто или 50 отсто од граѓаните со право на глас. Поради стравот и психозата која владе им се ограничува правото на глас на одредени категории на луѓе, прес се мислам на постарите“, вели тој.

Најважен е интересот на државата, а не на интересот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, додава Дујовски.

„Сите треба да се насочат кон државниот интерес и да погледнат што се случува со граѓаните. Јас во овој момент не би гледал низ призмата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Нам очајно ни се потребни избори за да си ја заштитиме државата“, смета Дујовски.

Според Божиновски, поинаква ќе беше ситуацијата доколку се задржеше ниската бројка на заболени. Во последните денови бројката на новозаразени од коронавирус се движи од 20 до 30 лица. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 382, а денеска се регистрирани 22 нови случаи на заболени.

Првата лидерска средба за договарање датум за избори се одржа на 12 мај. Инаку, изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Изборите беа одложени поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Опозицијата инсистираше на предвремени избори откако земјава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG