Достапни линкови

Избори во пандемија: Безбедност на гласачите или на гласот


Екран за галсање на гласачко место во Лос Анџелес на Супер вторник
Екран за галсање на гласачко место во Лос Анџелес на Супер вторник

За претстојните претседателски избори во САД се разгледуваат неколку модели на гласање директно, по пошта или онлајн гласање. Сите тие носат предизвици, особено во време на пандемија со коронавирусот, велат експертите. Во светот, повеќе од 50 држави ги одложиле изборите поради Ковид-19.

Пандемијата со коронавирусот стави „на чекање“ многу процеси во општеството и во економијата, како и во животите на секој граѓанин. Еден од процесите кој е или одложен за подоцна или целосно стопиран е и изборниот процес.

Според податоците на меѓународниот Институт за демократија и помош за избори, помеѓу 1-ви март 2020 и 27-ти април 2020 година најмалку 51 држава и територии во светот ги одложиле изборите, национални или локални, поради пандемијата со коронавирусот, додека најмалку 18 држави и територии одлучиле да ги одржат изборите според планираното.

Предвремените парламентарни избори беа одложени во Македонија и во Србија, Франција го одложи спроведувањето на вториот круг на гласањето за локални избори, Велика Британија исто така ги одложи изборите за градоначалници за следната година.

Дали е возможно онлајн гласање во САД?

И осумнаесет држави во САД ги одложија или ги откажаа партиските избори за претседателски кандидат на демократите, меѓу кои и Њујорк каде тие требаше да се одржат на 27 април. Доколку продолжи ширењето на вирусот во прашање со доведува и гласањето во ноември, анализираат американските медиуми.

Пандемијата ја отвори дебатата за изнаоѓање на нови модели на гласање или за воведување онлајн гласање. Во САД, неколку држави дозволуваат онлајн регистрација на гласачите, но во други пак тоа не е дозволено туку е задолжително лично.

Американското знаме
Американското знаме

Сите овие разлики од држава во држава за начинот на спроведување на гласањето го отежнува брзиот или едноставниот начин за наоѓање на решение за претстојните претседателски избори во САД.

Постојат и други механизми на гласање, како гласањето по пошта. Но дали поштата може да го издржи тоа, вели за Политико Ричард Хасен, професор и експерт за изборно право од Универзитетот на Калифорнија, Ирвин.

„Сите модели за тоа колку луѓе ќе гласаат лично или преку пошта, треба да ги фрлиме ‘во вода’ во контекст на пандемијата. Мислам дека најпретпазливо нешто што треба да се направи сега е да се очекува дека ќе има пораст на гласањето по пошта и да се подготви системот за тоа“, вели Хасен во интервју за Политико.

Спроведувањето на избори онлајн пак е проследено со дилеми за безбедноста на изборниот процес во целост - од безбедноста на личните уреди на гласачите па се до безбедноста серверот во кој ќе се чуваат податоците. Во анализата на Вашингтон пост: Зошто САД сè уште не е подготвена за онлајн избори, покрај безбедноста се отвора и прашањето за идентификувањето на гласачите при онлајн гласање.

Естонија единствена земја во која се спроведува онлајн гласање

Во Естонија секој граѓанин има електронска паметна лична карта со која може да прави многу работи од плаќање на данок, преглед на целосната здравствена историја и осигурување на лицето, па се до гласање.

„Но и на Естонија и беше потребно да поминат неколку изборни циклуси пред граѓаните да стекнат доверба во системот за онлајн гласање“, вели Роберт Кример, професор по Е-владеење на Универзитетот во Талин, пренесува Економист.

Во 2005 година кога земјата го претстави ваквиот начин на гласање само 2% од гласовите беа дадени онлајн. Предвидувањата на естонската Државна изборна комисија беа дека излезноста на гласачите на изборите во март 2019 година ќе биде 33%. Но излезноста достигна 43,7% што претставува највисок процент од кога е воведено онлајн гласањето.

„Ова значи дека граѓаните и веруваат на технологијата и на ваквиот начин на легитимирање на демократијата“, анализира Е-Естонија, непрофитна организација која ја промовира дигитализацијата на земјата.

Технологијата секако ќе има важна улога за да се осигура дека ќе има гласање на есен и дека тоа ќе биде достапно за сите Американци. Проширувањето на онлајн регистрацијата на целата популација беше тема уште пред појавата на корона вирусот.

Но сега се поставува прашањето дали за да се одржат изборите ќе се загрози здравјето на граѓаните, доколку не се воведе соодветен систем за гласање, или ќе се доведе во прашање безбедноста на гласот, пишува Вашингтон пост.

Полска ќе гласа по пошта

Полска е меѓу државите што не ги одложи претседателските избори закажани за 10 мај. Гласањето сепак нема да се одвива директно, туку по пошта.

Според испитувањето на јавното мислење сегашниот претседател Анджеј Дуда има поддршка од 50% од гласачите, доволно за да победи и без одржување на втор круг на 24 мај.

Но истовремено анкетите покажуваат и дека излезноста на гласачите би можела да биде само 30%.

„Како што се предвидени, изборите нема да бидат ниту директни, ниту еднакви, ниту универзални“, вели за Еуроактив Адам Стжембош, поранешен претседател на Врховниот суд во Полска.

Наместо Националната изборна комисија изборите ќе ги спроведува Поштата на Полска. Тоа предизвика загриженост околу безбедноста на приватноста на податоците на граѓаните кои ги собира Поштата со цел да го направи избирачкиот список.

ОБСЕ во извештај посветен на законот со кој се регулира гласањето по пошта, без да го коментира таквиот начин на гласање, смета дека постојат предизвици во неговото спроведување во практика: регистрацијата на гласачите, испораката и пребројувањето на гласачките ливчиња, преглед на важечките ливчиња, одредбите за гласање надвор од земјата, набљудувањето на изборите.

Поранешниот премиер на Полска Доналд Туск веќе најави дека нема да гласа по пошта.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG