Достапни линкови

Медиуми - Два реда за коронавирусот, еден ред за НАТО


Седиштето на НАТО во Брисел.
Седиштето на НАТО во Брисел.

Медиумите изобилуваат со вести и колумни во врска со коронавирусот. Медиумите известуваат која земја како се справува, за статистики и економски планови. Тие пишуваат и за првото учество на Македонија на конференција на НАТО како полноправна членка.

Нова Македонија и други портали информираат дека „Над еден милион луѓе се заразени од Ковид 19 во светот, починаа 50 илјади луѓе, а половина од човештвото се наоѓа во изолација“. Истиот портал објави дека „Кина се справува со увезените случаи, а бројката на заразени во Србија и Хрватска надмина 1.000“.

Плусинфо ја објави писмената изјава на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеjи за европерспективите на Западен Балкан дека „ЕУ подготвува економски план за развој на Регионот што ќе биде претставен на мајскиот Самит на ЕУ во Загреб“.

„Македонија за прв пат рамноправно, како членка на НАТО, учествуваше на видеоконференцијата на Северноатлантскиот совет во формат на шефови на дипломатии. Министерот Никола Димитров порача дека ширењето на соработката треба да биде побрзо од ширењето на пандемијата“, информира Нова Македонија.

СДК.МК во колумната „Добро утро“, во која провејува оптимизам, прашува: „Знаете ли дека веќе влеговме во НАТО? Знаете ли дека ќе почнеме преговори за влез во ЕУ? Знаете ли дека во два дена нам ни се случува историја? Дека живееме историски моменти и тоа во време кога цел свет се соочува со најголемата криза од Втората светска војна? Белки и битката против коронавирусот ќе биде полесна кога знаеме дека не сме сами“.

Плусинфо и Нова Македонија го пренесуваат бриселскиот портал Еуроактив под наслов: „Зачленувањето на Македонија во НАТО ја налути Русија – Министерството за надворешни работи на Русија издаде соопштение со кое се обиде да го омаловажи и да го потцени зачленувањето на Северна Македонија во НАТО; зачленувањето претставува нов удар на надежите на Москва дека ќе го задржи влијанието врз Западен Балкан, откако претходно и Црна Гора и Албанија му се приклучија на Пактот“.

Вечер и други електронски изданија на печатените медиуми го пренесуваат соопштението на СДСМ за мерките на Владата што „обезбедуваат помош за 250.000 работници и 35.000 компании“. Медиумите објавуваат и колумни и текстови со критика за тие мерки.

Неделникот Фокус во воведната колумна пишува: „Првите два сета владини економски мерки беа дочекани на нож и од граѓаните и од експертите. Ако е разбирливо што опозицијата ги нарече ʼнедоречени и нејасниʻ, тогаш незадоволството што го искажуваат трите стопански комори треба сериозно да ги загрижи властите“ – порачува колумнистот.

Порталот Плусинфо објави колумна со наслов инспириран од интервјуто на поранешниот премиер Зоран Заев за Канал 5: „Македонскиот арогантен ʼтанцʻ со корона кризата... мислам дека Заев гори од желба него и Венко Филипче јавноста да ги препознае како мајстори на ʼтанцот со коронавирусотʻ... Но не е така. За да биде, навистина треба да се смени стратегијата. Не ја губам надежта дека многу брзо политичарот Филипче ќе му даде предност на докторот Филипче“ – пишува колумнистот во Плусинфо.

Порталите Република и Курир.мк се полни со напади врз владините политики околу справувањето со пандемијата и врз Зоран Заев. „Заев е економски неписмен, треба да се врати на прва година факултет“ – пишува во еден наслов Република, а Курир го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „Додека Заев и неговите послушници танцуваат со корона вирусот, бројот на заболени постојано се зголемува“.

„Свирипичино блуз“ е насловена една колумна во Фокус, во која авторот смета дека „Вмровците и есдесето се еднојајчани близнаци со иста генска структура... Стара проверена школа од тоталитаризмот – кога лаже еден сите лажат“.

Онлајн магазинот Глобус се осврнува на дејствувањето на Повардарската епархија: „Пак во клинч со државните интереси“, при што наведува дека таа епархија, позната по противењето кон Преспанскиот договор, сега се појавува како иницијатор на литии – религиски активности на отворено, со што се крши одредбата за забрана на јавни собири.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG