Порталот на Нова Македонија, а и другите портали на печатените медиуми четвртокот го бележат како „најсмртоносен ден од избивањето на пандемијата“. Се информира дека „бројот на заразени од корона вирусот во 202 земји и територии ширум светот во четвртокот надмина половина милион, при што САД ја надминаа Кина по првото место по бројот на најмногу регистрирани случаи“.
Од онлајн прес конференцијата на министерот за здравство, Венко Филипче во четвртокот, Вечер во наслов објавува: „Прогнозите за пикот на вирусот засега исти – крајот на април! Филипче најави детална анализа за тоа што нѐ очекува“. Слободен печат на насловната објави: „Трет починат пациент, мерките се заоструваат“, а Вечер регистрира: „107 прекршувања за време на полицискиот час во изминатите 24 часа“. Нова Македонија во наслов го објавува апелот на министерот Филипче до граѓаните: „Лекови на рецепт на товар на Фондот за здравство има доволно, не правете залихи во домовите“. Само некои портали ја забележаа информацијата што ја објави СЗО на својата официјална веб-страница: „Македонија се приклучи на 10-те земји во кои глобално се следи ефикасноста на терапијата за лекување од Ковид-19“.
Слободен печат го пренесе известувањето на Иницијативата за печатење медицинска опрема дека „голем дел од клиниките се обезбедени со заштитни маски испечатени на 3D принтери. Планот е да се изработат најмалку 6.000 заштитни маски со визири“.
Порталот Република го пренесува ФБ-статусот на првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: „Каква е таа солидарност кога на стопанството му велите да се стрпи и кратите плати, а од друга страна вработувате нови партиски кадри“. И порталот Курир.мк со напад врз претседателот на СДСМ, веројатно заборавајќи дека уредбите на техничката Влада во вонредна состојба имаат сила на закон: „Заев излажа: Нема одложени кредити за сите граѓани, наместо генерален мораториум донесена само уредба“. Порталот СДК.МК информира дека „Банките ќе ве известат за одложување на ратите од кредитите, ако не одговорите се смета дека понудата е прифатена“. Порталот потсетува дека министерката за финансии на последната прес-конференција кажа дека ќе има мораториум од 3 месециза исплаќање на ратите. Слободен печат излезе со насловна: „Опозицијата не бира средства во очајничката борба за власт – ВМРО-ДПМНЕ контра СДСМ, Владата, државата...“ Нова Македонија објави колумна со наслов: „Вирусари од сите страни, обединете се!“ во која покрај другото се вели: „Зближувањето е лекот, а не кавгата меѓу партиите. Вашата меѓусебна нетрпеливост ќе биде уште еден вирус што ќе се рашири меѓу луѓето и што ќе ѝ донесе штета на државата“.
Се чини поради доминацијата на вестите за короната, информацијата од Брисел дека европските лидери на онлајн самитот ја потврдија одлуката за отворање преговори со Скопје и Тирана, во електронските изданија на печатените медиуми и на порталите оди на второ место. Исто како и веста на американскиот специјализиран портал за одбранбени прашања Дефенс њуз: „Северна Македонија денеска и официјално се приклучува кон НАТО. Се очекува македонската амбасада во Вашингтон денеска да го достави до Стејт департментот ратификуваниот договор за членство во НАТО, со што земјата и официјално ќе стане 30-та членка на Алијансата“. „По ова“, додава Дефенс њуз, „се очекува да уследи и официјалната церемонија на кревање на знамето на земјата пред седиштето на НАТО во Брисел“. Авторот на воведната колумна во неделникот Фокус пишува: „Лично не верувам во чуда, но можеби опасноста на која во моментот сме изложени како луѓе, во комбинација со добрите вести од Брисел, може да ни дадат некоја нова енергија“.