Вонредната состојба за справување со коронавирусот, соработката со европските фондови за природни непогоди и најновите информации околу датумот за преговори на Македонија со ЕУ беа во фокусот на денешните владини обраќања до граѓаните. Од опозицијата критика дека властите ја губат контролата над ситуацијата со Ковид 19.
Премиерот Оливер Спасовски уверуваше дека вонредната состојба е најдобра одлука за сите, за да може Владата да носи Уредби со законска сила и дека денес се тече како и до вчера, освен во Дебар и Центар Жупа каде е утврдено жариште на болеста Ковид 19.
Вонредната состојба не значи нечовечко постапување
„Оваа одлука е вистинска мерка за јавното здравје и животот на граѓаните. Ги преземаме сите мерки за заштита на граѓаните. Одлуките се во насока колку е можно помалку да се наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата на Владата ваквите политики ќе може полесно да се носат", рече Спасовски, додавајќи дека вонредната состојба која трае 30 дена не значи дека ќе замре животот на граѓаните и дека правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам.
Македонија во 30-дневна вонредна состојба
За вонредната состојба појаснуваше и министерката за правда Рената Дескоска.
„Граѓаните треба да знаат дека ограничувањето на слободите и правата не смее да биде дискриминаторско по никаква основа. Вонредната состојба не смее да значи нечовечко постапување и казнување. Ограничувањето на правата на граѓаните треба да биде минимално и само кога е нужно“, рече Дескоска.
Опозицијата со свои мерки
Наспроти ова, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, критики до Владата и до владејачкиот СДСМ за погрешни или задоцнети мерки на владат.
„СДСМ во моменти кога владее пандемија од огромни размери се однесува ноншалантно и несериозно. Голем број од мерките кои ВМРО-ДПМНЕ ги посочува и предложува не се усвојуваат или задоцнето се усвојуваат со што се придонесува за влошување на ситуацијата. Додека корона вирусот рапидно се шири низ населението и секојдневно се соочуваме со нови случаи на заболени, контролата се повеќе бега од рацете на надлежните“, обвинија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска излезе со сет од 5 мерки кои неговата партија ги предлага за, како што рече, спас од катастрофа.
„Предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија што работа е поврзана или е погодена со ситуацијата. Второ замрзнување на обврските за компаниите кон банките и заемодавателите, најмалку за месец март а доколку е потребно и кризата продолжи, и за месец април. Трето, владата да ги преземе обврските да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, а доколку продолжи кризата и за месец април. Четврто државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите кои што се погодени во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто плата. И конечно последно потребно е веднаш да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплатата субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период“, рече Николоски.
Потребна е европска помош
За борбата со коронавирусот денеска разговараа и шефовите на германската и македонската дипломатија, Никола Димитров и Михаел Рот. Тие заеднички констатираа дека е потребна европска солидарност во справувањето со Ковид-19.
„Сега сме обвзрани на солидарност. Вирусот нема национален иденетитет и човештвото треба заедно да ја намине пандемијата, при што посилните треба да им помогнат на послабите“, изјави Рот на заедничката видео прес-конференција со Димитров.
Претходно и вицепремиерот Бујар Османи, на прес-конференција се осврна на потребата од европска помош за Македонија во борбата со коронавирусот. Тој рече дека Северна Македонија, како земја преговарач, има право да се вклучи во европскиот солидарен фонд, кој се активира за покривање на потребите на земјите членки и дека Владата побарала од ЕУ најавената награда од 50 милиони евра за успешни реформи во Македонија, првично наменета за инфраструктура и животна средина, дел или целосно, да се пренамени за менаџирање на пандемијата од Ковид 19, пристап до тие средства да има и Банката за поддршка на развојот за да се обезбедат брзи и краткорочни заеми, како и Македонија да биде исклучена од рестрикциите кои ги најави ЕК за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар, а кои се однесуваат најмногу на медицинска опрема и средства за работа.
Убави вести од Брисел, ама работата не е завршена
Во пандемијата од коронавирусот се најде и најновата вест околу почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека постојаните претставници на земјите членки во ЕУ постигнале консензус за одлука за старт на преговорите. Тоа, сепак, нешто подоцна го дообјасни министерот Никола Димитров.
„Дебата на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел продолжува попладнево и консензусот, односно работата не е до крај завршена, има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство на земјите членки, но текстот и работата не е докрај завршена и КОРЕПЕР не е тело што носи политички одлуки“, рече Димитров.
Претходно, вицепремиерот Османи рече дека од Брисел дошла добра вест, но дека треба да се почека формална потврда.
„Безусловна и со безусловно барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш после одобрување на преговарачката рамка. Таа одлука очекуваме денеска да се потврди, а потоа да биде потврдена и на 24 март од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК, а потоа и на самитот на лидерите на земјите од ЕУ на 26 март“, изјави Османи.