Александар Зафировски, Бојан Ковски, Владимир Здравевски, Ѓорги Динев, Давор Кешќец, Ива Станковски, Кристијан Јованоски, Марко Вујисиќ, Стефан Младеновски, Филип Цакоски, Ана Спасова, Ана Трајковска, Игор Таневски, Виктор Семенпеев и Зуљеха Зибери Али се петнаесетте македонски уметници и новопримени членови на националната асоцијација чии дела ќе се најдат на групната изложба „ДЛУМ нова генерација на млади“ што од петок 6 март ќе се одвива во Уметничкиот центар АРТ ХАБ, во ГТЦ во Скопје. Поставката што како организатор ја потпишува Друштвото на ликовни уметници на Македонија има за цел да ги промовира токму новите енергии и нивното свежо творештво.
Идејата со оваа изложба е да ги промовираме младите и да испратиме порака дека во суштина Друштвото на ликовни уметници на Македонија е отворено за сите млади ликовни творци. Тоа е суштината на нашето делување како асоцијација. Да промовираме нови моменти. Младите уметници се секогаш добродојдени во Друштвото со својата специфична позитивна енергија, со свежите идеи и со новите дела. Тоа е она кое ние сакаме да го кренеме на пиедестал со оваа групна поставка што ќе ја отвориме наредниот петок, вели Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ.
Тој и со дополна дека во минатото имало пракса на презентирање на сите новопримени членови на ДЛУМ со по едно до две дела и дека особено е значајно и тоа што на овој начин тие како асоцијација со ваквиот потег наедно имаат намера да ја анимираат и нивната генерациски блиска публика.
Поентата е и да ги привлечеме младите генерации да посетуваат ликовни настани. Да посетуваат изложби. Да се едуцираат со присуството на вакви културни настани. Оваа генерација што сега ја презентираме си носи своја публика којашто е доста млада. Згора на тоа тие со својата младост ќе ги освежат малку и редовите на ДЛУМ. На некој начин со своето актуелно творештво и новата енергија за очекување е да ги испровоцираат и раздвижат своите постари колеги. Тие се оние кои истражуваат. Тие се носители на нови идеи и нови медиуми. Ним им е подостапни интернетот и новите технологии на комуникација, така да јас лично очекувам од нив да донесат и свежина во останатите изложби на ДЛУМ, смета Фидановски.
По завршувањето на оваа поставка, ДЛУМ за 17 април ја најавува „Поместени граници“ чиј куратор ќе биде самостојниот истражувач Владимир Јанчевски, добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика за проектот „Плитичките слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.
Веднаш потоа на 8 мај ќе биде отворена изложбата „Скулптура“ со куратор чие име допрва ќе и биде објавено на јавноста, а за јуни е планирана поставката на експериментален цртеж која, пак, во септември ќе биде претставена во Њујорк, во САД.