Достапни линкови

„Куманово – План“ ги раскара власта и опозицијата


Куманово.
Куманово.

Власта и опозицијата во Куманово имаат спротивставени ставови за тоа дали формирањето на Јавното претпријатие за урбанистичко планирање „Куманово-План“ ја остварува својата цел. За власта ова претпријатие има перспектива. Од опозицијата велат дека има и други вакви приватни претпријатија и според нив ова би било привилегирано само затоа што е јавно.

Забрзување на процедурата за изготвување урбанистичка техничка и друга документација, стручен кадар што работи за Општината, заштеда на финансиски средства и вклучување на стручната јавност, била идејата за формирање на општинското ЈП „Куманово-План“ во Куманово, кое работи веќе една година, вели градоначалникот Максим Димитриевски и додава дека тоа има перспектива. Познат му е скептицизмот во јавноста и незадоволството од поединците кои се во градежниот бизнис. Јавното претпријатие работи во областа на урбанизмот и уредување на градежно земјиште на Општина Куманово.

Советникот Драган Петковски од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ пак, меѓу другото смета дека претпријатието е формирано првенствено за вдомување на партиски кадри на коалицијата на СДСМ.

„Особено што во Куманово веќе постојат приватни претпријатија со слична дејност и ова е само дуплирање на некоја работа, која што по мене не треба да биде во јавниот сектор. Треба да биде приватно и конкуренцијата да си направи квалитет. Ова претпријатие во старт ќе биде привилегирано затоа што е јавно“, вели Петковски.

На тоа градоначалникот Димитриевски појаснува дека идејата на која „Куманово -План“ работи е како Општината во најкус рок може да дојде до техничка документација за одредени проекти, а при тоа да се ангажираат поголем број наши сограѓани од градежната и архитектонската струка. Оваа идеја на почетокот била погрешно сфатена од приватни субјекти кои го доживеале како конкурент.

„Целта на ова претпријатие не е да конкурира на приватни фирми, туку да работи исклучиво услуги за Општината, општински корисници и институции, согласно годишна програма на претпријатието“, вели градоначалникот Димитриевски.

Петковски пак смета дека ова претпријатие дополнително ќе го оптовари општинскиот буџет, со тоа што ќе треба да има своја администрација (директор, посебни сектори за јавни набавки, правни сектори, што веќе има во други претпријатија).

„Ако на градот веќе му е потребно вакво претпријатие можело да биде во рамките на некое друго ЈП, како на пример, „Водовод“ каде што веќе има сектор за проектирање, само да се прошири, а истата администрација да ги извршува работите“, вели тој.

За ова Димитриевски вели дека не постои законска можност, освен што „Водовод“ е логистика на новото претпријатие. Тој додава дека во моментот „Куманово – План“ работи на повеќе од 50 проекти, од коишто веќе 40 се завршени. Проблем е кадровската екипираност во недостиг на градежни и архитектонски инженери, поради пазарните услови, пониските плати во однос на приватните фирми. Ова претпријатие има перспектива, затоа што сега Општината може да порача проект и да го добие во најкус можен рок. Димитриевски нагласува дека Куманово има големи комунални проблеми и децениски нерешена инфраструктура, за што пред градба треба да се обезбеди соодветна техничка документација. Тука се користат услугите на претпријатието.

„Бидејќи во минатото истите услуги ги баравме од други фирми преку тендерски постапки, каде што одредени фирми се натпреваруваа во постапките, а не испорачуваа услуги. А доколку немате еден проект на хартија реално не можете да го реализирате. Сите планови изработени во изминатиот период од ЈП „Куманово-План“ или веќе се аплицирани во одредени институции за обезбедување средства, или ќе се аплицира, а дел од нив веќе се ставени и во реализација на програмата за инвестиции тековната година. Тргнувајќи од најобичен елаборат за поставување метални или пластични столпчиња, завршувајќи со најтешките проекти во делот на деталните урбанистички планови.“

Претпријатието ќе соработува со Градежниот и Архитектонскиот факултет од Скопје, а како што вели Димитриевски урбанизмот не подразбира удоволување на потребите на поединци, туку прилагодување на условите за живот во еден град за сите граѓани и доколку долгорочно се води оваа стратегија, тогаш и еден ден ќе имаме модерен град.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG