Достапни линкови

Кој е виновен за тоа што снема пасоши?


Македонски пасош
Македонски пасош

Медиумите известуваат за кризата со материјали за пасоши и за тоа кој е виновен за состојбата. Јавуваат и за маршот на СДСМ за правда и за почетокот на судењето на организатоите на 27 април..

Во фокусот на печатените и електронските медиуми во изминатава недела е немањето пасоши и обрасци за други документи и за тоа кој е виновен, техничкиот министер на полицијата од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев или поранешниот министер и технички премиер од СДСМ, Оливер Спасовски.

„Спасовски ги повика истражните органи да утврдат дали тој е виновен за кризата со пасошите откако минатата недела Чулев поднесе кривична пријава за незаконска јавна набавка на обрасците за лични документи“ - објавува Нова Македонија.

Слободен печат ја објавува изјавата на Спасовски на прес-конференцијата по тој повод: „Одговорите за пасошите треба да ги барате кај Чулев. Оваа влада фукционира месец и пол, а информацијата дека има проблем со издавањето нови пасоши е пред една недела“.

Слободен печат исто така информира:

„Оние што не можат да извадат пасош може да го тужат МВР“, а во информацијата ја објавува изјавата на народниот правобранител, Иџет Мемети:

„Граѓаните што не можат да извадат пасош да се пожалат со претставка кај нас! ... Досега немаме добиено претставка, а кога би добиле, би отишле во МВР да направиме увид во документацијата за да се види зошто е дојдено до тоа“.

Покрај вестите со негативна конотација за лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговото семејство, како и за други поранешни и сегашни министри од СДСМ во Владата, опозициските портали се полни со вести за проблемот со патниот документ при што вината се префрла кај поранешниот министер, Спасовски.

„Село гори, Спасовски патецот го чешла – Кој го создаде проблемот со пасошите?! Дали Спасовски и СДСМ сакаат намерно овој проблем да му го препишат на Наќе Чулев и дали со овие постапки СДСМ сака на граѓаните да им ја најави црната кампања за време на изборната кампања?“ - пишува во еден од текстовите на оваа тема во порталот Република.

Слободен печат објави колумна со наслов: „Нема криви за патната исправа“ во која она што деновиве се случува во МВР се нарекува „шпанска серија“ со заклучок дека „Никогаш државната управа не капитулира досега на олку драматичен начин... наместо да се унапредува работата на администрацијата стигнавме дотаму главниот симбол на државата – пасошот, да стане мислена именка за илјадници граѓани, па и некаква смешна комисија на МВР да проверува лекарски дијагнози за да прави приоритетна листа за издавање вакви документи... а во МВР во меѓувреме ќе се бараат нови ’закачки‘ наместо решенија“.

Порталот Курир.мк отвора друго прашање:

„Судството ја стартува кампањата на СДСМ за ’режимот‘: Почеток на судењето на ’организаторите‘ на 27 април“. Зборовите – режим - и – организатори - се во наводници. „Обвинетите Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски предложиле по 300 сведоци на судењето за организација на 27 април“ – објавува порталот СДК.МК.

Вечер со оценка за неодамнешниот „Марш за правда“ што го организираше СДСМ: „Маршот на Заев помина послабо: повеќе луѓе имаше кога го крунисуваа Боки 13“. Вечер ја објавува и изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во вестите на телевизијата Канал 5: „Постојат сериозни индиции дека Зоран и Вице Заев имале мастер план да се сокрие ’Рекет‘“.

Информацијата за претстојниот Собор на поглаварите на православните цркви во Аман, Јордан, што го свика ерусалимскиот патријарх Теофил, на кој главна тема ќе биде идејата на Руската црква да ѝ се оспори правото на Вселенската патријаршија во Цариград да потпишува томос за автокефалност, а со тоа, меѓу другото, да се оневозможи и признавањето на МПЦ- ОА, може да се прочита само на порталот на Нова Македонија, но заслужува внимание зарадиинформациите што ги содржи дека Руската црква вршела силен притисок врз Бугарската и врз Српската православна црква да го поддржат овој состанок и да ги испратат своите патријарси. Информацијата има наслов: „Се групираат противниците и поддржувачите на автокефалноста на МПЦ“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG