Во изминативе години во Македонија меѓу 30 и 35 проценти од гласачите воопшто не излегле да гласаат. РСЕ се обиде денеска да го провери расположението меѓу случајните минувачи во центарот на Скопје. Ќе излезат или не на избори и која е нивната мотивација?
„Немам намера да присуствувам на една таква шарада повеќе затоа што едноставно немаме опција“, вели граѓанин на Скопје кој не сакаше да го каже името.
За разлика од него, друг граѓанин знае и зошто би излегол на избори.
„Треба да излеземе, нема зошто да не излегуваме, тие се за нас, нека каже народот кој. Јас сум неутрален но овие три години има голем пад на економија, катастрофални услови во здравство треба да победи оној што мисли за Република Македонија и овој народ заслужува по толку тормозења еден пристоен живот“.
Што велат анализите?
Довербата на граѓаните во политичарите во континуитет со години наназад е проблем. Таквата граѓанска резервираност, според аналитичари, е очигледна поради тензичната политичка ситуација во земјата, предизвикана од неказнивоста на криминалот и корупцијата и недовербата во судството.
Истражувањата на МЦМС покажуваат дека граѓаните не очекуваат овие избори да решат нешто, не барем во онаа смисла што тие сакаат да ја видат.
„На двете главни водечки политички партии им лежи товарот на сомнежи кај граѓаните. Првиот кај СДСМ е случајот Рекет, а кај ВМРО ДПМНЕ е неубедливоста во однос на посветеноста на евро атланските интеграции. Во една такава поставеност на недоверба кон главните политички партии и можноста кампањата да биде во главно негативна можно е да очекуваме намалена излезност на следните избори“ вели Сашо Клековски од МЦМС
Марко Трошановски од Институтот за демократија пак, вели дека нивните анкети покажуваат дека на предвремените избори големи се шансите да се зголеми бројот на оние кои нема да земат пенкало во рака на 12 април.
„Овие избори се одржуваат во еден специфичен контекст каде апатијата кај граѓаните е прилично голема и тоа особено е апатија која се надоврзува на многу тегобен период за политичката јавност низ која што помина во изминатите три години, особено со промена на името, амнестијата, сите турбуленции кои се случуваа во парламентот, законот за јазици, случаите за корупцијата итн. Многу луѓе се разочарани од отсуството на правда за сите и казна за секој што заслужил и оттука многу ќе биде тешко изборната кампања да мобилизира нови гласачи“ вели Трошановски.
Младите не се партиски лојални
Од друга страна, Трошановски додава дека во најголем дел младите и високо образованите генерално се тие кои апстинираат но дополнува дека кога станува збор за младите, тоа не е само случај во Македонија туку е светски тренд.
„Тие не следат слепо поддршка и не се лојални без поговор на одредена политичка опција туку бараат повисок демократски перформанс од партиите за да го дадат својот глас. И тие во поголем дел ќе останат исто така дома на денот на гласање“ вели Трошановски.
Како и да е, кампањата официјално треба да започне на 20 март. До средината на идниот месец треба да бидат познати и кандидатите за пратеници. Двете најголеми партии веќе ги почнаа процедурите за избор за кандидати, но засега не се соопштуваат имиња.
Владејачкиот СДСМ на предвремените парламентарни избори најавени за 12 април ќе оди со кандидати од различно етничко потекло, од кои најмалку 30 насто ќе бидат млади, а соодносот мажи жени ќе биде 50:50. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, најави дека ќе кандидира нови и неискомпромитирани лица, и оти најголемиот дел од нив досега не биле пратеници.
Сашо Клековски до МЦМС смета дека сепак искуствата досега покажуваат дека на крајот многумина од граѓаните е можно и да предомислат и да излезат да гласаат и оти тоа ќе зависи од кандидатите и програмите.
До предвремните парламентарни избори во април, како што е познато, доаѓа откако Македонија не добиде датум за отпочнување преговори со ЕУ во октомври мината година иако го смени уставното име со Преспанскиот договор што требаше да ги одблокира преговорите.