Достапни линкови

Младите „жедни“ за стрип уметноста


Стрип уметноста во Македонија не се изучува никаде, освен, неформално во Стрип-центарот во Велес. И покрај таквиот факт, млади талентирани цртачи на стрипови, добиваат меѓународни признанија и освојуваат награди.

Стрипот како уметност во земјава не се изучува како посебен предмет ниту во основното образование, ниту во Средното уметничко „Лазар Личеноски“, ниту на Ликовната академија во Скопје. Во отсуство на стрип-уметност и стрип-творештво во формалното образование, Стрип-центарот на Македонија од Велес (СЦМ – Велес) веќе 20-тина години преку неформалното образование на младите со стрип-училишта, работилници, стрип-конкурси за меѓународниот стрип-салон и стрип-колонии, како и со своја богата издавачка стрип-дејност, кај младите успешно ги популаризира и ги афирмира стрип-уметноста и стрип-творештвото.

Стрип-училиштето на СЦМ – Велес во изминатите години работеше како проект преку разни меѓунардни фондови, а во 2019 година преку Министерството за култура првпат доби финансиска поддршка од државата. По распишаниот конкурс за проекти за годинава СЦМ – Велес деновиве од нив нетрпеливо очекува позитивен одговор за Стрип-училиштето во Велес да продолжи со работа и ова лето.

Како што информира за МИА, Ване Трајков, раководител на СЦМ – Велес, целта за организирање на Стрип-училиштето е преку културно-едукативна мисија младите и талентирани цртачи да се заинтересираат за стрип-уметноста и да ги научат тајните и финесите на цртање стрип.

„Целта на нас како организатори е кај младите вљубеници во уметноста да ја поттикнеме љубовта кон стрипот. Воедно преку работата на Стрип-училиштето да откриеме и нови, и млади, и талентирани цртачи, кои се иднината на македонскиот стрип, кој последниве години е во подем и за кој има сè поголем интерес кај младите“, појасни Трајков.

Меѓу учениците во Училиштето за стрип е Мартин Здравковски, кој го освоил првото место на тема „Постер на мирот“ што го организирал Лајонс клубот на ниво на држава, а потоа ја претставувал нашата држава во Чикаго во САД.

„Многу бев среќен за оваа награда и тоа што ја претставував нашата држава во САД. Јас почнав да цртам и да учествувам на натпревари од второ одделение, кога мојата наставничка го откри мојот талент за цртање. Потоа се заинтересирав и за стрипот, кој преку ова училиште за стрип уште повеќе го засакав“, појасни Мартин.

Тој потенцира дека во Училиштето за стрип научил како правилно се црта стрип и стекнал и разменил искуства со свои врсници и размислува и понатаму да продолжи да црта стрипови.

Влади од други земји одделуваат огромни суми за стимулација на стрипот во нивните земји, а на ликовни академии стрипот се изучува и му се посветува големо внимание. Во Хрватска стрипот се изучува факултативно, а на Ликовната академија во Софија се изучува два семестра во групата за дизајн и илустрација. Стрипот во Македонија не се изучува како посебен предмет ниту во основното образование, ниту во средното уметничко „Лазар Личеноски“, ниту на Ликовната академија. Томе Трајков, програм-координатор на СЦМ – Велес, потенцира дека затоа бараат од надлежните тоа да се смени и да го има во наставата.

XS
SM
MD
LG