Протестот на жителите на Визбегово против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, во нивната населба е само еден од примерите кои деновиве ја покажаа нетолеранцијата кај дел од македонските граѓани. Лани Тимјаник, годинава Визбегово. Недоличните коментари на некои поединци на социјалните мрежи по земјотресот во Албанија, се уште еден показател дека степенот на нетолеранција расте. Слични коментари во кои може да се препознае говор на омраза имаше и лани, по катастрофалниот пожар во селото Мати кај Атина.
Актуелните случувања во нашето општество покажуваат дека имаме сериозни потешкотии со прифаќањето на толеранцијата како неопходен услов во нашите комуникации и општествена егзистенција, објаснува проф. Пере Аслимоски од Универзитетот Климент Охридски во Битола.
„Со сигурност може да се каже дека недостатокот на толеранција во начинот на размислување и дејствување е индикатор дека имаме сериозни и културни проблеми и проблеми во социјализацијата и вредносната ориентација на личноста. Личноста која низ процесот на формирањето не ги усвоила темелните вредности и не научила што значи живот, слобода, демократија, разбирање, солидарност хуманост, тешко дека ќе биде толерантна кон другите кои се различни од неа, кон оние кои се нашле во неволја или припаѓаат кон други маргинализирани групи“, објаснува проф. Аслимоски.
За универзитетскиот професор во пензија, социологот Илија Ацевски пак ваквото однесување на поединците е резултат на акумулирана енергија која одредени поединци немале можност да ја манифесираат на друго место. Социолошко-психолошката димензија на моменти е застрашувачка, а истата може да биде поттикната и од дневната политика. Големо влијание според Ацевски, има и медиумското известување.
„Политичкото влијание е исто така еден вид инспиратор за пресметка. Исто така тие поединци кои поминуваат долго време на социјалните мрежи имаат всушност медиумска проекција за реалноста. И тоа е една од главните причини за нетолерантното однесување. Тие кои така реагираат, претпоставувам дека реалноста ја гледаат како медиумска претстава и мислат дека таква е реалноста“, вели професорот Ацески.
„Обединети во различноста“, мотото на Европската Унија кон која се стремиме, се чини дека нам не ни е јака страна. Професорот Аслимоски вели дека треба да се работи на јакнење на свеста за откривање на заедничките вредности и да ги почитуваме разликите, односно тие да не се гледаат како хендикеп.
„Ова не е проблем кој може брзо да се реши. Неопходен е долготраен процес преку создавање на еден воспитно-образовен амбиент кој на младите ќе им овозможи да ја научат и прифатат различноста како нормална состојба во општеството. Натаму, да научиме да ги прифаќаме интеркултурните и етничките разлики, меѓуетничката толеранција како значаен услов за развојот на индивидуата и општеството, да научиме да ги откриваме заедничките вредности, а да ги почитуваме разликите. Едноставно, да научиме да живееме не толку едни покрај други, туку едни со други“, апелира Аслимоски.
Упатените посочуваат дека е здраво за едно демократско општество да има дискусија, критика и различни мислења, но оти истовремено треба да се има подготвеност да се согледаат аргументите и чувствата на другите без притоа тие „да се омаловажуваат и обесчовечуваат “.