Достапни линкови

Куманово го негува спортскиот дух


Некогаш со големи резултати, некогаш со падови, со финансиски или некои други проблеми, сепак кумановските спортисти не се откажуваат. Во одредени периоди Куманово е градот на кошарката, на боксот, на велосипедизмот, на атлетиката, карате, бразилска џиу џицу, стрелаштвото.

Во годината на одбележување деветдецениско постоење на Женскиот ракометен клуб Куманово, најстар во државава, освоениот Куп на Македонија во женска конкуренција е само уште една круна во постигнатите успеси и резултати на домашни и меѓународни натпревари во сите конкуренции.

Бобан Пејоски претседател на клубот вели дека ова е првиот трофеј на клубот по осамостојувањето на Македонија, но потоа и градот оддаде признание со врачување Ноемвриска награда.

„Во последните четири, пет години се наоѓаме во најдобрите четири екипи редовно во сениорска конкуренција, редовно учествуваме на Европски купови , а оваа година дојде и првата победа на нашиот клуб на еден европски натпревар со победата над Славија, Прага, така што на ова би ја додал и работата во младите конкуренции. Оваа и минатата година учествуваме, односно се натпреваруваме во четири конкуренции, значи во сите, од пионерска, кадетска, младинска до сениорска. Пред две години бевме прваци во кадетска конкуренција на РМ и таа генерација лани беше вице-првак во младинска. Оваа година очекуваме таа генерација, младинската да се закити со победник на првенство на Македонија. Исто така, амбиции ни се оваа година со сениорската екипа да освоиме дупла круна, значи да дојдеме конечно до посакуваната титула на првак на Македонија“, вели Пејоски.

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија и вицешампион, тимот на ЖРК Куманово е дел и одрегионалното СЕХА натпреварување во женска конкуренција и е единствениот претставник од Македонија. Ракометарките од Куманово се натпреваруваат со ракометарки од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска и Словенија.

Кумановци го негуваат спортскиот дух. Некогаш со големи резултати, некогаш со падови, со финансиски или некои други проблеми, сепак не се откажуваат. Во одредени периоди Куманово е градот на кошарката, на боксот, на велосипедизмот, на атлетиката, карате, бразилска џиу џицу, стрелаштво. Не секогаш спортистите имаат соодветни услови за тренирање, но се снаоѓаат за да стасаат до врвот.

Локалната самоуправа финансиски му помага на спортот, меѓутоа и бизнис секторот, особено поголемите фирми постојано издвојуваат средства од својот буџет за поттикнување на различни дисциплини.

Кошаркарскиот клуб на пример, поради лошата состојба во Спортската сала своите тренинзи ги обавува во сала на едно од средните училишта.

„И држиме некаде средина на табела. Не е некој квалитет и ниво, но ќе се обидеме да го интензивираме и да побараме дополнителни спонзори бидејќи Куманово сака кошарка и да ги вратиме во Спортската сала. Се обидуваме да го вратиме машкиот ракомет кој многу е западнат и за првпат годинава им дадовме поголема финансиска поддршка и како општина, а бараме и спонзори. Дополнително дадовме поддршка и на општинските фудбалски лиги. Преземавме обврска и општината ги покри сите трошоци за судиите и делегатите на општинските натпревари во градот, со цел да го поткрепиме и да го охрабриме фудбалот, бидејќи сакале да признаеме или не, тој е спорт број еден во светот. Паралелено имаме развој на велосипедизмот, боксерскиот клуб е отворен“, вели градоначалникот Максим Димитриевски и додава дека Куманово во минатото дало многу спортски легенди, а во моментот, според него, најпризнаени се Аце Русевски, Реџеп Реџеповски и Бранимир Јовановски.

„И во нивна чест на локацијата во центар на градот, пред поранешниот Хотел „Кристал“ изградивме фонтана која што граѓаните ја дефинираа како Олимписка чешма, а тука планираме да поставиме и обележје во нивна чест, но тоа ќе оди со одлука на Советот.“

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG