На 9-ти ноември Средношколскиот сојуз заокружи двегодишно функционирање. Тие работат кон подобрување на средношколскиот статус во образованието и во психичкиот развој на учениците. Организацијата, со седиште во Тетово, моментално има ограноци во шест градови - Кичево, Гостивар, Штип, Куманово, Скопје и Дебар. Се водат според стратешки план „Од нас, за нас 2019-2022“, со чие завршување планираат проширување на Сојузот во сите градови во државава.
„Сојузот се фокусира врз решавање на проблемите на средношколците, најголем акцент ставаме на проблемот со учебниците, врсничкото насилство, остварување на контакти со средношколски сојузи од земјите од Западен балкан и соработка со Белгиската и Норвешката унија на средношколци. Исто така, сојузот работи на воспоставување на контакти со средните училишта, со училишните заедници на училиштата и со младински организации“, објасни претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи.
Со кои проблеми средношколците ја започнаа учебната година?
Средношколците се соочуваат со голем број проблеми, тоа го опфаќа проблемот со недостатокот на учебниците, кое веќе неколкупати го потенциравме. Недостатокот не е единствениот проблем со учебниците, тие се преполни со застарени и неточни информации. За дел од предметите не постои албански превод на учебниците, со што е отежнат образовниот процес на средношколците кои учат на Албански наставен јазик. Многу често сме принудени да купуваме дополнителна литература за часовите. Освен ова во училиштата има недостаток на материјали за работа на часовите што опфаќа компјутери или помагала за ИКТ настава, географски карти, глобуси, математички прибор за цртање (линијари, шестари, агломери) спортска опрема во салите за спорт (топки, јажиња, душеци, јарци, голови, кошеви, рипстоли), помагала за работа на часот по хемија (лабараториски пробор: епрувети, чаши, чукчиња, пипети), помагала за часот по биологија (делови од телото, скелети) и аудио плеери. Дел од професорскиот кадар е несоодветен и некомпетентен, многу често примаат мито или пак изнудуваат. Стручната служба е преоптоварена со административна работа и најчесто немаат контакт со улениците и не им обрнуваат доволно внимание. Во училиштата има висок степен на врсничко насилство и говор на омраза. Истото постои и во релација професор-ученик. Во некои гимназии не се формираат сите шест смера иако има заинтересирани ученици за оформување на различни класови. Во училиштата нема соодветен материјал за прва помош и според законот еден од 20 работници треба да биде обучен за пружање прва помош, што не е случај во нашите училишта.
На прес конференција реагиравте на недостигот на учебници и најавивте бојкот на настава ако не се реши овој проблем. Дали добивте одговор и решение од надлежните?
Откако ја одржавме прес-конференцијата не добивме никаква реакција од надлежните служби, ниту пак од некоја институција. Единствено на ова се огласија невладините кои ни понудија поддршка во нашата работа.
Во вашето двегодишно постоење, каква е соработката со надлежните?
Во текот на овие две години не успеавме да воспоставиме комуникација со министерството за образование и наука. Надлежните не сакаат да имаат состаноци со нас. Исто така многу често добиваме негативен одговор при нашите обиди за соработка со училиштата, тие не се заинтересирани за поддршка на иницијативите на учениците.
Имате истакнато дека постои меѓуврсничко насилство. Како сметате дека може да се намали ова?
Врсничкото насилство е алармантен проблем, за чие решавање треба да се навлезе длабоко во причините на истото. Конфликтите кај младите се случуваат поради разликите кои ги имаат тие, што често се проследени со насилство. За да се намали врсничкото насилство и говорот на омраза меѓу младите треба да се работи на поткревање на свеста за етничките, културолошките разлики и да се обрне внимание на прифаќање на истите. Младите треба да се едуцираат на многу различни теми меѓу кои и ненасилна комуникација, родови разлики, стереотипи и предрасуди, прифаќање на минатото, сексуално здравје, ментално здравје, зависности и многу други кои влијаат на причините за насилство. Исто така би требало да се зајакне стручната служба во училиштата и да се оспособат да даваат поддршка на жртвите од насилство, но и да работат со насилниците кои ја напаѓаат жртвата поради некоја причина што доаѓа како траума или неправилен развој на детето.