Вчерашните избори, четврти во последниве неколку години не успеаа да повлечат линија под неколкумесечниот парламентарен ќор-сокак во Шпанија.
До него дојде по неубедливата априлска победа на социјалистичкиот премиер Санчез и неможноста да формира влада.
Лидерот на социјалистите, кој ги побара изборите за да ја зацврсти својата позиција, заврши со губење на три места, со ослабени потенцијални сојузници и со зајакнати десничарски партии.
Сепак, Санчез најави дека веднаш ќе започне да работи на составување нова прогресивна влада предводена од Социјалистичката партија:
„Ги повикуваме сите партии, освен оние кои се исклучуваат од соживотот и сеат говор на омраза и антидемократија“.
Кампањата беше засенета од каталонската сепаратистичка криза која и одеше на рака на екстремната десница.
Конечните резултати покажаа дека социјалистите имаат 120 од 350 места во парламентот, додека Вокс обезбеди 52 места, двојно повеќе од сега.
Сантијаго Абаскал, лидер на шпанската екстремно десничарска партија Вокс по изборите рече:
„Ние и рековме на левицата дека приказната не заврши, дека тие немаат никаква морална супериорност и дека ние го имаме истото право“.
Колку за потсетување Вокс го имаше своето парламентарно деби во април кога освои 24 мандати во најголемиот успех на екстремната десница откако Шпанија стана демократска по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година.
На второто место се најде десничарската Народна партија, која освои 88 мандати што е зголемување од 66 во претходните избори.
Лидерот на Народната партија Пабло Касадо изјави:
„Санчез го загуби референдумот. Санчез не успеа. Тој е денешниот голем губитник. Шпанците му изгласаа недоверба на Санчез, тој загуби 3 места“.
Ваквите резултати, според експертите, само ќе ги продолжат хроничните политички превирања во четвртата по големина економија во еврозоната.
„Резултатите ќе го отежнат формирањето на владата поради длабоката фрагментација на парламентот и растот на Вокс“, вели за Франс прес аналитичарот Антонио Баросо, предупредувајќи дека поделбите „биле толку големи“ што е невозможно да се исклучат уште едни избори.
Во последниве денови, Санчез неколкупати алармираше во врска со „агресивната ултра-десничарска“ политика на Вокс, предупредувајќи дека партијата ќе ја одвлече земјата назад во мрачните денови на диктатурата на Франко.
Но, се чини дека неговите предупредувања не се послушани.