Достапни линкови

Тешко се влегува, но и излегува од ЕУ


Уште едно одложување на Брегзитот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Уште едно одложување на Брегзитот

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск најави дека ќе препорача другите 27 земји членки на Европската унија да одобрат одложување на датумот на заминување на Британија од ЕУ. Претходно, британскиот премиер Борис Џонсон го стави во мирување овој договор откако парламентот, иако за прв пат го одобри, реши да не го избрзува.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата влада ќе паузира со донесувањето на законот за ратификување на договорот за Брегзит, се додека Европската унија реши дали ќе понуди одложување на планираниот излез на Британија на 31 октомври.

Претходно, британскиот парламент начелно го изгласа законот за спроведување на договорот за Брегзитот кој премиерот Борис Џонсон го постигна со ЕУ во минатата недела.

Ова беше првпат парламентот да му даде поддршка на договорот за тоа како Британија ќе ја напушти Унијата, иако сè уште е во рана фаза на законодавниот процес.

Тоа се покажа за точно неколку минути подоцна кога законодавците гласаа против предлогот со кој се предлагаше тридневен распоред за што побрзо прифаќање на законот во Долниот дом.

Толку време е неопходно, според владата, за да се случи Брегзитот според предвиденото, односно на 31 октомври.

Говорејќи откако парламентот го отфрли планираниот владин брз распоред, Џонсон изјави дека сега ЕУ мора да размисли за тоа како да одговори на барањето на парламентот за одложување.

„На еден или на друг начин ќе ја напуштиме ЕУ со овој договор, за кој овој Дом штотуку даде согласност. Им благодарам на членовите на Домот за овој тешко добиен договор“.

На ова веднаш одговори претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кој на твитер напиша:

„По одлуката на премиерот Џонсон да го прекине процесот на ратификување на Договорот за повлекување и за да се избегне напуштање без договор, ќе препорачам да биде прифатено барањето на Британија за продолжување на рокот. За ова ќе предложам писмена постапка“.

Британија, според првично планираното, требаше да излезе од Унијата на 29 март годинава, но овој рок два пати беше поместуван, откако британскиот парламент три пати го отфрлаше претходниот договор за Брегзитот што со Брисел го постигна претходничката на Џонсон, Тереза Меј.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG