Полн и тежок ден, рандеву без никаков резултат, беа описите за состанокот на Советот за општи работи на ЕУ кои на прес конференцијата по него ги кажаа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и министерката за европски прашања на Финска Тути Тупураинен.
Во првиот дел од состанокот Финска како претседавач со ЕУ и официјално предложи да се раздвојат Северна Македонија и Албанија при одлучувањето за отворање на пристапни преговори, но и тоа не помина.
„Првичниот предлог беше да кажеме јасно „да“ на двете земји, тоа е нашата цврста позиција одамна, направивме сѐ што можевме, но земјите членки се колебаа, една земја членка беше посебно против. Ги разгледавме сите опции, вклучително и одвојувањето затоа што многу земји се повикуваат на принципот на секој по сопствена заслуга, но ни тука не бевме успешни“, рече Тупураинен.
Еврокомесарот Хан, пак, нагласи дека кандидатките презеле болни и реформи и затоа сега Европа е таа која треба да возврати. Хан им се извини на граѓаните на двете земји зашто не успеале да дојдат до решение.
„Сакам рандевуа, но не ваков тип на рандевуа ,како ова што го видовме денеска, без никаков конкретен резултат. Ова не славен момент за ЕУ, не обвинувам никогo. Сега е на Европскиот совет. Сакам да ја искористам можноста да му се заблагодарам на финското претседателство за сите напори да се најде решение кое денескано сакам да кажам дека огромно мнозинство членки ја поддржаа препораката на комисијата не за првпат, туку за третпат во 16 месеци”, рече Хан.
Европските дипломати открија и дека 25 земји од 28 колку што има унијата, биле за почнување на преговори, но на новинарско прашање кој друг освен Франција бил против, Тупураинен и Хан не одговорија.
Германската агенција ДПА пак јавува дека Франција поддржана од Холандија и Данска ја блокирале одлуката на земјите членки на ЕУ за преговори со двете балкански земји.
Ставот на официјален Париз денеска пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ го соопшти државната секретарка за европски прашања Амели Де Моншалан. Таа рече дека треба да се разгледа процесот на преговарање, кој се гледа дека е бавен и фрустрирачки за земјите кандидатки.
„Тој процес не влева доверба кај земјите-членки, бидејќи се развлекува во времето. Треба да разговараме за реформите што Европа треба да ги направи во нејзиниот пристап кон преговорите за проширување“, вели Де Моншалан.
Сега очекувањата се дека лидерите на земјите членки на состанокот на крајот на неделава ќе успејат да најдат решение. Според Хан нема дилема дека понатамошното одложување на проширувањето ќе наштети на кредибилитетот на ЕУ кај земјите од Западен Балкан и како што рече на амбициите на Унијата да стане посилен глобален играч.
Во Брисел, како што е најавено, ќе отпатува и премиерот Зоран Заев во обид за последни лобирања пред носењето на конечната одлука. Во Луксембург деновиве е и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а од денеска таму замина и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.