Достапни линкови

Ѓукановиќ: Северна Македонија заслужува да биде во ЕУ и НАТО


Мило Ѓукановиќ и Стево Пендаровски во Претседателската вила на Водно во Скопје
Мило Ѓукановиќ и Стево Пендаровски во Претседателската вила на Водно во Скопје

Северна Македонија веќе го обезбеди своето место во НАТО и тоа го сметаме многу важно за внатрешната сигурност на земјата и за регионалната стабилност. Не треба да има двоумење и за почетокот на преговорите со ЕУ, истакна црногорскиот претседател

Традиционално добри односи меѓу две пријателски земји кои имаат заедничко минато, но и заедничка иднина. Вака претседателите на Црна Гора и Северна Македонија ја опишаа нивната заедничка средба во Скопје, на првата официјална посета на црногорскиот претседател откако Стево Пендаровски стана претседател на Северна Македонија. Црногорскиот претседател изјави дека двете земји немаат ниту едно отворено прашање и истакна дека делат исти стратешки определби.

„Важно да ја поддржиме Северна Македонија на тој пат. Тоа е пат без алтернатива кога станува збор за стабилноста на регионот и економскиот и демократски просперитет. Македонија од познати причини во 2008 година на Самитот во Букурешт го изгуби чекорот по кој претходно сигурно чекореше во процесот на интеграцијата, но ми се чини дека некои лекции се правилно научени. Во меѓувреме е направен сериозен напредок и денес е реално да се очекува Северна Македонија да добие целосна сатисфакција пред се преку два потега на меѓународната заедница. Првиот е отворање преговори со ЕУ, што очекуваме да се случи овој месец и вториот официјалниот прием во НАТО, изјави претседателот Ѓукановиќ.

Македонскиот претседател се заблагодари на поддршката од Црна Гора, истакнувајќи дека таа е една од првите држави кои го ратификуваа протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија. Осврнувајќи се на претстојната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Црна Гора и Македонија, Пендаровски истакна дека се работи за многу важна посета која како што истана е се, освен љубезна посета.

„Јас би обрнал внимание на структурата на држави во оваа турнеја. Прво оди во Италија која е една од клучните држави во целиот медитерански базен, потоа Црна Гора која е најновата членка на НАТО, доаѓа кај нас која треба да стане за неколку месеци 30-та земја членка на НАТО и ја завршува турнејата со Грција која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО. Значи не доаѓа во регионот затоа што нешто е останато да се решава, туку за да оддаде признание на земјите кои и досега беа на евроатланскиот курс, почитувајќи ги тие вредности и принципи. Се надевам дека тоа значи враќање на големи врати на САД на Балканот“, изјави претседателот Пендаровски и додаде дека во минатото ниту еден клучен предизвик или проблем во регионот не се решил без нивната помош или поддршка.

На прашањето дали Бугарија би не блокирала на патот кон ЕУ, Пендаровски одговори дека засега нема најави дека соседна Бугарија ќе ја блокира одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, но нема гаранции дека тоа нема да се случи во некоја подоцнежна фаза, во текот на преговорите.

„Нема најава од ниту еден релевантен фактор во Бугарија дека сега ќе нѐ блокира“, вели Пендаровски и додава дека „останува да се види како понатаму ќе се однесуваат и Бугарија и Грција, од аспект на Преспанскиот договор, во тој многу долго процес“.

Претседателот Ѓукановиќ зборуваше и за негативното искуство кое Црна Гора го имаше со руското влијание и обидот за државен удар во 2016 година, истакнувајќи дека врз основа на тоа искуство Црна Гора покажала дека е имуна на тие кои имаат претензии да се мешаат во стратешките определби на земјата.

„Тоа не е добро за ниту една земја а каков ќе биде ефектот зависи не само од земјата и нејзината разумна политика, туку и од европската одлучност да го заштити својот простор“, заклучи црногорскиот претседател.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG