Достапни линкови

Договорот од Преспа позитивен пример, ЕУ да даде датум


Кочо Анѓушев, Вес Мичел, Алексис Ципрас, Зоран Заев и Мартин Шулц на Самитот на „Економист“
Кочо Анѓушев, Вес Мичел, Алексис Ципрас, Зоран Заев и Мартин Шулц на Самитот на „Економист“

Договорот од Преспа е позитивен пример, а Европската Унија треба да даде датум за преговори Северна Македонија и Албанија. Накратко вакви пораки се слушнаа на денешниот самит на Економист на кој учествуваа Зоран Заев, Алексис Ципра, Вес Мичел, Мартин Шулц и други актуелни и поранешни функционери .

По околу година и три месеци од потпишувањето на Договорот од Преспа и речиси пет месеци по средбата во македонската влада, Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска во Скопје добија аплауз, поддршка и честитки од повеќе западни политичари за тоа што го постигнале со договорот. Двајцата, заедно со други поранешни високи европски и американски дипломати учествуваа на самитот на Економист за иднината на Западен Балкан.

И додека сите се согласија дека Договорот од Преспа е позитивен пример и оти Северна Македонија месецов треба да добие датум за преговори за зачленување во Европската унија, не сите сметаат дека и тоа сигурно ќе се случи.

Премиерот е убеден дека Договор од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија ги отворија вратите кон членството во НАТО и ЕУ.

„Она што е многу важно е да се наградат добрите примери, а не да се казнат, бидејќи дури и Европската унија и целиот свет ги очекува следните чекори, на пример решавање на проблемот со Косово. Како ќе го поттикнат претседателот Вучиќ и претседателот Тачи да најдат решение, ако го казниш овој добар пример што ние го постигнавме?“, рече Заев.

Јас со унијата никогаш не се чудам кога тие одложуваат некакви одлуки, научен сум на тоа, рече Ципрас, според кој, главната стратегија на Советот на Европската унија е секогаш да доцни.

„Секој треба да знае дека не постои друга опција освен одлуката да се даде позитивен сигнал не само за Северна Македонија и за Албанија, туку и за сите други држави од регионот кои чекаат одреден поттик истите да го изодат патот“, рече Ципрас.

Самит на „Економист“ за Западен Балкан
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:57 0:00

Доста критичен кон „игрите“ на земјите членки на ЕУ и со доза на неизвесност за идните чекори е Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на социјалдемократската партија на Германија. Ги пофали Заев и Ципрас за храброста, која рече дека и недостига на Унијата.

„Ако зборуваме дали ЕУ на 15 октомври навистина ќе даде датум за отпочнување на преговорите за Северна Македонија и за Албанија сакам да повлечам паралела на посветеноста на овие двајца луѓе тука и тактичките игри кои постојано се играат во Европскиот совет. Не можам да ви гарантирам дека ќе биде даден датум, се надевам и ќе направам што е можно повеќе со моето влијание во германскиот парламент“, рече Шулц.

Поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, кој беше на позицијата додека се траеја преговорите меѓу Скопје и Атина се осврна на како што рече авторитарните модели на Русија и Кина кои сакаат да навлезат во западниот Балкан.

„Иднината која што Русија и Кина ја имаат за Западниот Балкан не предвидуваат слобода и слободен развој на конкуретноста, туку ограничување на слободата. И ова не е изненадување за голем број на западни политичари“ рече Мичел, кој нагласи дека САД се трудат да бидат присутни во регионот, но оти тоа мора да биде повидливо.

На самитот „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“ кој го организираше Економист учествуваа и поранешниот премиер на Белгија Ги Верхофштат, македонски владини претставници, американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, бизнисмените. Меѓу присутните немаше членови на високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG