Како се намалува времето за прием на Македонија во НАТО, така ќе се засилуваат обидите за руско влијание, бидејќи во запирањето на македонската атлантска интеграција и интеграцијата на Западен Балкан, Кремљ гледаат „спас од Алијансата“ за своите најблиски соседи, предупредуваат политичките и геостратешките аналитичари.
Од московскиот центар на Меѓународниот институт „Карнеги“ велат дека Русија, чија политика до сега била опортунистичка и нискобуџетна, сега покажува сериозни знаци дека е подготвена за интензивирање на Балканот.
Стравот во Кремљ ќе генерира руска акција?
„Ова не значи дека Москва на приемот на балканските држави во НАТО гледа како на директна воена закана. Кремљ се плаши дека обновувањето на проширувањето на Алијансата по повеќедецениско прекинување ќе создаде експанзионистички импулс, кој подоцна може да се прошири и на Украина или Грузија, земји за кои Русија смета дека се од витално значење за нејзината безбедност“, објави московскиот центар на „Карнеги“.
За да го постигне тоа, велат упатените, Москва на располагање има повеќе средства, но и актуелната статус-кво ситуација на Балканот ѝ отвара можности за антизападно делување.
„Можеби е малку веројатно Русија да спроведе кампања за дестабилизација на Западен Балкан, но Кремљ може да се прибегне кон дестабилизирачки техники во неговите напори да спречи позитивна промена во тековната состојба. Неодамнешните настани во Црна Гора и во Северна Македонија јасно покажаа дека Русија брзо ги засилува своите пропагандни и разузнавачки активности во балканските држави кога се на работ на големи геополитички одлуки“, вели Максим Саморуков, заменик уредник на Карнеги.ру.
Кога ќе се решат сегашните проблеми, Москва ќе бара нови?
Исплашен дека НАТО може да му дојде пред врата, додаваат експертите, но и поради домашните проблеми и падот на рејтингот во сопствената држава, Кремљ е принуден решението да го бара далеку од својот двор. Во случајов - На Балканот.
„Како резултат на тоа, инерцијата е најверојатното сценарио кога се во прашање односите на Русија со Западен Балкан. Кремљ ќе продолжи да го критикува Западот за ароганција, унилатерализам и непочитување на руските интереси во регионот. Ќе го засили своето противење на западното посредништво ако босанските или српско-косовските конфликти се приближат до решавање “, појаснува Саморуков.
А кога тие балкански проблеми кои Русија може да ги искористи во интерес на својата антизападна политика бидат мирно решени, тогаш, предупредуваат аналитичарите, Москва неволно ќе се помири со тоа, но веднаш ќе се концентрира на барање нови проблеми.