Глобус - Како изгледа земјава по аферата Рекет
Со нота на успокојување го почнува описот онлајн магазинот Глобус „Како изгледа земјава по аферата ’Рекет‘“. Еуфоријата со случајот како да се смирува заради смиреноста на ЈО и како да се враќа на јазолот околу Законот за обвинители – пишува авторот на анализата, па потсетува дека иницијаторот на аферата, Орце Камчев по долго отсуство се појави некаде од Медитеранот за да сведочи по втор пат кај обвинителката Русковска.
„Него никој не го чува, ниту кога наводно дава како рекет милиони евра и кога обични посетители му влегуваат во дома, а тој, пак, наводно е во домашен притвор! Или... тој е во домашен притвор ама може да биде со јахтата низ Медитеранот... практично си седи на слобода, бидејќи иако е главниот изведувач на ’Рекет‘, си го има пасошот во своите раце, а можеби и парите што наводно ги дал на ’уценувачите‘“, раскажува Глобус.
Инаку авторот на текстот смета дека „нашата правна држава е ’решето‘ бидејќи структурите на старата власт со сите сили и вгнездени во сите пори на општеството, особено во Сваровски правосудството, се трудат да ги спасат главните босови на македонската полит-мафија, преку рушење на обвинителските механизми затоа што во однос на делителите на правдата, па и со растурниот паракмис систем имаат добра почва да се надеваат на задржување на сите здобиени привилегии и богатство“. Но има и нови неизвесности околу носењето на Законот за Јавно обвинителство, потсетува неделникот. Предлог - законот, пред сè, се однесува на статусот на СЈО и предметите во него, зашто Катица Јанева веќе не е каменот на сопнување, туку барањата за затворање на постапките почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништување на дотогаш собраните докази. Но името на компромитираната специјална обвинителка и натаму се користи од страна на опозицијата , поконкретно од Христијан Мицкоски за да го разниша кредибилитетот на обвинителската фела, но и на владата на Заев во целина – анализира Глобус.
Фокус - Дали сведокот Камчев ќе стане осомничен?
Фокус, покрај другото, се занимава со енигмата „Дали сведокот Камчев ќе стане осомничен?“ Прашањето е засновано врз фактот дека специјалната обвинителка Катица Јанева до неодамна тврдеше дека има статус на сведок во истрагата за случајот „Рекет“, но преку ноќ стана осомничена, пишува. Бизнисменот Орце Камчев, пак, потсетува неделникот, се смета себеси за жртва или оштетен, но постои законска можност и нему набргу да му се смени статусот и да ѝ се придружи на Јанева. Клучното прашање е, тврди Фокус, дали тој нудел пари или му биле барани! Неделникот објавува интервју со Александар Тортевски, адвокат, кој веќе 30 години е присутен на општествено-политичката сцена во земјава. Тој за месец ноември најавува нова партија, која ќе се викала Твоја партија, а тој е еден од иницијаторите и привремен портпарол. Тортевски најавува дека партиската платформа „ќе биде нешто спектакуларно во Македонија“, сосема различно од постојните султан-партии, како што вели, бидејќи „Гласачите се разочараа од СДСМ, но не му простуваат на ВМРО-ДПМНЕ“.
Капитал - Недостигот на квалификувани кадри ги алармира и бизнисмените и политичарите
Сите земји во Источна Европа кубурат со недостиг на квалификувана работна сила, па двобројот на Капитал ја обработува оваа тема од македонски агол: „Недостигот на квалификувани кадри ги алармира и бизнисмените и политичарите“, поставувајќи го прашањето, патем, поставено и од наши бизнисмени, „Дали е време да увезуваме работници од странство?“ Инаку, увозот на работници од странство, потсетува неделникот, не е нешто ново и во изминативе години многу земји во развој од регионот на Југоисточна и Централна Европа, како Полска, Романија, Бугарија, Хрватска... кои се соочуваа со забрзано иселување и одлив на работна сила, прибегнаа кон олеснување на престојот и работните визи за странци. Хрватска е веќе подготвена да увезува работници од Бангладеш и Филипини, бугарски компании наголемо увезуваат работници од Украина и Молдавија, а Романија до следната година е подготвена да прими околу 500.000 работници од Пакистан. Со истиот проблем се среќава и Македонија, особено со заминувањето на голем број млади школувани кадри во Западна Европа, каде што имаат поголеми плати и подобри услови за напредување во кариерата, па Капитал наведува дека со овој проблем е доведен во прашање континуитет во развојот на бизнисите, а на крајот и на македонската економија која на сите начини се бори да обезбеди повисок раст. Стопанствениците од Пелагонија, пишува Капитал, први побараа увоз на работна сила и поедноставување на постапката за издавање работни визи за странци. Од Регионалната стопанска комора за Капитал велат дека за решавање на овој проблем државата мора да најде решение и да се донесе национална стратегија, а не проблемот да биде оставен на решавање на поединци. Дотолку повеќе што и земјите на Западна Европа веќе донесуваат или донесоа закони со кои се олеснува доселувањето на стручни кадри од земјите надвор од ЕУ, заради што процедурите за добивање работна дозвола ќе бидат значително олеснети и поедноставени од следната година и во една Германија, на пример, пишува покрај другото Капитал.