Достапни линкови

Неделници - СЈО од сите страни сардисано


Неделникот Фокус пишува за сандалот со рекетот и вмешаноста на специјалната обвинитела Катица Јанева. Онлајн магазинот Глобус пишува дека Заев во рингот е со двата противника на СЈО – Мицкоски и ДУИ.

Фокус - И СЈО крена раце од Катица Јанева – Евро обвинителка

Неделникот Фокус во најновиот број – за што ако не за мегаскандалот со рекетот и спекулациите за вмешаност на првата специјална обвинителка. Уште на насловната неделникот наведува на главната тема, па под монтирана фотка на „трите грации“, како што на почетокот ги нарекоа, пишува: „И СЈО крена раце од Катица Јанева – Евро обвинителка“, а првите две носат маички на кои е прецртана кратенката СЈО, а главната носи маичка на која стои знакот за евро. „Нелогичните потези на Јанева“, пишува неделникот, „досега се објаснуваа со политички притисоци, но сега парите и бизнисот го зедоа приматот“. Фокус понатаму наведува дека иако Јанева не е осомничена, таа е вмешана во голем коруптивен случај, кој го дотолчи СЈО. „Дали ќе го смени столчето во судница, или ќе куртули, допрва ќе видиме, но СЈО никогаш нема да заздрави од возвратниот удар на ’Империјата‘“- предвидува Фокус.

Неделникот содржи и текст за тоа како овој рекет-скандал ќе се одрази врз премиерот Зоран Заев и неговата партија, па во воведната колумна пишува: „Заев знае околу себе да собере сомнителни типчиња кои се синоним за лошо друштво кое деновиве, кога сме сведоци на мегаскандалот со рекетот врз Камчев, му се удира од глава. Во СДСМ веќе го бараат неговиот политички скалп“, открива авторот, „зашто многубројните афери на дневна база го топат рејтингот на владејачката партија...“, и уште едно предвидување: „...па прашање е што ќе остане од него до сè поизвесните предвремени избори напролет“, пишува Фокус.

Глобус - Заев во рингот со двата противника на СЈО – Мицкоски и ДУИ

Онлајн неделникот Глобус смета дека големите имиња на екипата на Груевски се пред заминување во затвор, иако зад себе имаат цел сет трикови да го одложат тој момент. Во текстот со наслов „Заев во рингот со двата противника на СЈО – Мицкоски и ДУИ“ пишува дека индиректно отпор против СЈО е присутен и во партијата на Али Ахмети. Глобус го анализира однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во стилот „топло-ладно“ и наведува дека тоа однесување најпрвин зависело од притисокот на надворешниот фактор – странците, а кога тој заслабнал, со бегството на Груевски во Унгарија „кејот на Дунав во Будимпешта се претвори во писарница од каде што се издаваат дневни наредби што Мицкоски и екипата мора итно да ги спроведуваат“. Неделникот наведува дека по кревањето на прстот на холандскиот амбасадор кон „војводите“, како што ги нарекува авторот на анализата, опозицијата едно време спремно вети соработка со власта околу судбината на СЈО. „Но кусото и целосно јасно отсуство на Мицкоски од земјата деновиве донесе нова промена во односите и ветувањата: со власта може да се преговара само за предвремени избори – тоа е најновиот став што доаѓа од Белата палачинка“. Авторот на текстот пишува дека Мицкоски едноставно си добил нова доза инструкции врзана за судбината на Кочан, Јанкулоска и Вангеловски и други најблиски луѓе на Груевски. Опозицијата сега не сака да разговара за трите најважни прашања од аспект на влезот на земјава во преговарачкиот процес со Унијата, туку само условува да се разговара за вонредни избори.

„Заев изгледа прилично осамен во целата каша... во која вмровците против него ги користат сите можни арсенали покрај кои неговите министри и советници изгледаат како лилипутанци“, смета Глобус па продолжува со забележувањето дека осаменоста на Заев има и друг извор: „Однесувањето на ДУИ покажува дека кај Ахмети нема никаква подготвеност да жртвува свој кадар макар и за ’јота‘, а камоли да дозволи некој да оди в затвор“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG