Достапни линкови

Бучавата им го нарушува здравјето на битолчани


Измерените вредности на бучавата во Битола покажа далеку поголеми вредноси од законските ограничувања. Беа измерени највисоки 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволените 50 до 55 децибели регулирани со Правилникот за гранични вредности за ниво на бучава во животната средина.

Бучавата од сообраќајот на одредени места, во станбени населби и училишта во Битола е дури два пати повеќе од дозволеното, покажуваат мерењата што го направија Техничкиот факултет во Битола и Институтот за комуникациски студии во Скопје во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Измерените вредности на бучавата се далеку поголеми од законските ограничувања на сите локации на кои беа извршени мерењата кај гимназијата „Јосип Броз - Тито“, основното училиште „Тодор Ангелевски“ и населбата Стрелиште. Беа измерени највисоки 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволените 50 до 55 децибели регулирани со Правилникот за гранични вредности за ниво на бучава во животната средина. На сите мерни места, бучавата во континуитет изнесуваше од 72 до 87 децибели, што повторно споредено со законските ограничувања, ги надминува дозволените нивоа.

„Имаме одредени случаи кога бучавата надминува и над 105 децибели во зависност од поминување на возила кои се во забрзување и од моторцикли. Но, ако се земат во предвид препораките на Светската здравствена организација таа постојана бучава не би требало да 70 до 75 децебели“, вели Никола Крстановски, професор од Техничкиот факултет во Битола.

Тој додава дека во бучавата доминантни се патничките возила, поради нивната многубројност во сообраќајот во однос на другите категории возила. Товарните возила, автобусите и моторциклите придонесуваа за краткотрајни, но интензивни осцилации во висината на измерената бучава. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваат. За големата бучава од сообраќајот придонесуваат и постојаниот раст на урбаните области, бројот на возила и на изминати километри, како и изградбата на нови патишта.

Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската унија, по загадувањето на воздухот. Бучавата ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај вознемиреност и сериозни психички пореметувања.

„Секаде на мерните места беше измерено дека бучавата е над дозволените граници. Прво е намален квалитетот на урбаниот живот, а потоа последиците во однос на здравјето на луѓето, исклучително негативни и здравствени нарушувања“, вели професор Бети Анѓелевска од Техничкиот факултет во Битола.

Извештајот подготвен од мерењата предвидува повеќе решенија за намалување на бучавата.

„Треба да се воведат зони со 30 километри на час, да се постават патни грби или издигнати пешачки премини и да се изградат кружни крстосници и заштитни ѕидови. Тешките возила треба да се забранат во ноќниот период и да се ограничат во текот на денот. Брзината, пак, треба да се ограничи заедно со знаци за вознемирување од бучава, како и да се вози мирно без агресивно забрзување и забавување. За секоја од овие ликации предлагаме комбинација од мерки. Една мерка сама по себе не е доволна за значајно намалување на бучавата. Потребно е мерките да се комбинираат и да се спроведуваат чекор по чекор“, рече професор Анѓелевска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG