Управата за финансиска полиција го проверува работењето на фирмата „Нефа мебел“, која измами стотина граѓани, оставајќи ги без мебел и пари, кога ненадејно фирмата беше затворена, но бурата на реакции кои ги предизвика случајот продолжува да создава лоша атмосфера на пазарот.
Упатените велат дека овој случај е потврда за незаштитеноста на потрошувачите и дополнуваат дека често може да се слушне од други граѓани дека тоа што го купиле не им ги исполнило очекувањата и оти со тоа се губи довербата меѓу произведувачот и потрошувачот.
„Влијае врз довербата кај потрошувачите. Не само Нефа, години наназад се случуваат афери и во други облaсти на потрошувачката, граѓаните губат пари, а немаат адекватна заштита во овие постапки“, вели Лорија Ванеска, нотар која има искуство и како адвокат.
Последниот случај на измамени граѓани и беше поврзан со уплатен аранжман во туристичка агенција, но во изминатиот период имаше и случаи кога Државниот санитарен и здравствен инспекторат затвори две приватни здравствени установи, бидејќи во нив двајца лекари од скопските клиники вршеле допoлнителна дејност, а не биле регистрирани за тоа. Актуелен беше и случајот на битолски семејства кои платиле дрва за огрев, а шумските претпријатија не им ги доставиле.
Активистот Никола Писарев вели дека и политичарите се потрошувачи и дополнува дека на македонските граѓани треба да им се овозможи заштита каква што уживаат сите потрошувачи во Европа.
Осврнувајќи се врз случаите со измамени граѓани при купување станови кои беа актуелни пред многу години, па сè до последните примери на измамени граѓани при купување на аранжмани од туристички агенции, Писарев вели дека институциите се тие кои треба да ги заштитат граѓаните.
„Се губи довербата кај потрошувачите, но страшно е што се губи довербата во институциите кои треба да ги заштитат граѓаните. Такви скандали сме гледале каде што беа луѓето измамени за многу поголеми средства како што беа аферите со градежните фирми, Фиком Самарија и други. Треба да видиме дали има правна разрешница, дали парите ќе бидат рефундирани. Ова прашање треба да се третира во случаи кога периодот на испорака е долг. Може тоа да се случи и во автомобилската индустрија. Мора да се најде начин законски да се реши испораката“, вели Пасарев.
Ванеска смета дека граѓаните најдобро може да се заштитат ако се смени праксата која се воспостави во последно време да се наплаќаат услугите, па потоа да се испорачуваат. Таа вели дека проблемот со измамени граѓани со становите сега е решен со имотни листови и дека случаите како Фиком, Самарија и други градежни фирми во кои пред многу години беа измамени граѓани денес се минато, но оти има многу други случаи за кои потрошувачи се жалат. Има незадоволство кај граѓани и од тоа дека им е испорачана бела техника со оштетувања или која бргу се расипува, па сè до тоа дека на пазарот доаѓа евтина храна од увоз која не квалитетна.
Упатените велат дека е многу важно институциите и инспекторите да реагираат и компаниите кои ги кршат одредбите да бидат казнети или отстранети од пазарот.
„Последен случај е со патници до Кападокија каде на патниците не им бил платен престојот од агенцијата каде ги уплатиле парите. Тука има начин да се повратат парите. Но, институциите треба ваквите несериозни субјекти веднаш да ги отстранат, затоа постои одземање на лиценца, посебни органи кои ги следат и будно треба да реагираат на секоја поплака на потрошувачите“, вели Ванеска.
Писарев вели дека проблеми од друга страна имаат и производители, односни фирми кои отпосле им наплаќаат на потрошувачите, а никој не им ги плаќа фактурите и тие чекаат со месеци. И тоа треба да се регулира, вели Писрарев.
Заштитата на потрошувачките права е една од директивите кои земјава треба да ги испорача на нејзиниот пат кон ЕУ. Претставникот на Европската делегација во Скопје, Никола Бертолини деновиве посочи дека за 28-то поглавје треба да се транспонираат 19 директиви за што ќе бидат потребни многу заложби во претстојните години и додаде дека се сомнева оти националните институции, според сегашната состојба, имаат доволен персонал да го спроведат тоа.
Тој ова го кажа за време на презентацијата на Нацрт верзиите на Новиот закон за заштита на потрошувачите и на Стратегија за заштита на потрошувачите 2019-2023 година, кои имаат за цел да се подобри квалитетот на животот на граѓаните и да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите, како и да ги следат политиките на Европската унија.