Од Нова година либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија пристигнува и до домаќинствата како потрошувачи. Граѓаните ќе можат ако сакаат, но и не мораат, сами да побараат снабдувач со струја на слободниот пазар. До ова доаѓа откако со отворањето на понудите во Владата вчера стана јасно дека Австриската ЕВН, преку две свои компании – ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување – како и ЕЛЕМ, преку компанијата ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, се двата правни субјекта кои конкурираат за Универзален снабдувач со електрична енергија.
„Со новиот закон за енергетика кој беше донесен во Собранието овозможено е граѓаните да бираат снабдување со електрична енергија од 1- ви јануари. За сите кои нема да одлучат, останува универзалниот снабдувач за кој владата отвори постапки за избор на најповолна понуда. Вчера се отворија понудите и имаше две компании и очекувам да понудат цени кои ќе ја гарантираат сигурноста на снабдување по најниски цени“, вели енергетскиот консултант Митко Андреевски.
Сега следува период на проценка на евалуацијата, кој најмногу може да трае до 86 дена, и доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција.
Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.
Во првата фаза на либерализацијата на пазарот, дел од потрошувачите велат дека најверојатно ќе останат да се снабдуваат кај универзалниот снабдувач, но оти понатаму нивниот избор ќе зависи од активностите на конкуренцијата.
„Знам дека ќе има либерализација, но кои се поволностите не знам.“
„Секое нешто што се предвидува очекувам да донесе добро“
„Може малку и ќе поевтини. Сега е хаос. ЕВН го „дере“ народот. Струјата треба да е поевтина неколку пати повеќе од сега.“
„Треба да се зголеми конкурентноста и тоа ќе придонесе да биде подобро.“
„Цената ниту ќе се покачи нити ќе се намали.“
„Ништо од тоа. Tреба да се врати ЕВН во државна сопственост како порано и државата да интервенира.“
„Очекувам зголемување на цените, кога цената на лебот се зголеми, се ќе скокне.“
„Сега не би го менувал снабдувачот затоа што сум задоволен. Ако излeзат новите снабдувачи со пониска цена може ќе го сменам“, велат дел од граѓаните.
Експертите им порачуваат на граѓаните дека тие не мора да испратат никакво известување дека и натаму ќе можат да останат со снабдување кај универзалниот снабдувач, а во случај ако сакаат да го сменат тие очекуваат компаниите односно пазарот да им понуди услови на граѓаните.
Осврнувајќи се на тоа што добиваат граѓаните со либерализацијата, Андреевски направи споредба со тоа што се случува во фиксната и мобилната телефонија. Во врска со предностите и маните граѓаните да бираат струја тој вели тие сега ќе имаат избор
„Граѓаните треба да го преземат ризикот каква ќе биде цената. Ако добијат поевтини понуди тогаш би оделе на слободен пазар, ако има ризик ќе останат на универзалниот каде е регулирана цената. ЕЛЕМ 80 проценти ќе гарантира со производството на вкупната потрошувачка на универзалниот снабдувач и не очекувам промени во домаќинствата кои ќе останат на универзалниот снабдувач. Има сериозни компании кои ќе понудат различни пакети и самиот го кажав примерот со телекомуникациите“, вели Андреевски.
Тој дополни дека во Хрватска имало драстично намалување на цената на електрична енергија откако се либерализирал пазарот.
Директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски порачува дека не очекува либерализацијата на пазарот не електрична енергија да донесе повисоко цени за домаќинствата.
„За граѓаните не се очекува да донесе повисоки цени бидејќи домаќинствата во наредните седум до осум години ќе бидат снабдувани од универзалниот снабдувач, кој ќе се избере на тендер и е обврзан со закон најголем дел од своите потреби на електрична енергија да ги обезбедува од ЕЛЕМ, и етапно тие набавени количини да се намалуваат. Но сега цената на ЕЛЕМ е 40 евра за мегават на час. Не очекувам дека ќе има причини за пораст на цената на ЕЛЕМ, а со тоа и цената за домаќинствата“, вели Бислимовски
Тој дополни дека сепак ако не се успее да се задоволат потребите на домаќинствата само од домашно производство и доколку има увоз, тоа би имало влијание врз цената на домаќинствата. Но директорот на Регулаторна не очекува тоа зголемување на цената да биде значително. Tој наведе дека очекува најголем дел од потребите на домаќинствата со електрична енергија да се обезбедат од ЕЛЕМ односно од домашно производство.