Достапни линкови

Сировото млеко е дефицитарно


Краварска фарма
Краварска фарма

Зависни сме од увоз на преработено млеко, вели фармерот Кирил Небрежанец. Тој вели дека една од причините е што драстично се намалува бројот на стоката во државата. Од надлежното Министерството велат дека намалувањето на сточниот фонд во битолскиот регион не е така драстично.

Сировото млеко во земјава е дефицитарен производ зашто сточниот фонд драстично е намален, вели Кирил Небрежанец, еден од најголемите фармери во земјава, кој одгледува околу 380 грла крави и дневно произведува по 4000 литри млеко.

„Со оглед на тоа дека млекото е дефицитарен производ, се стремиме за зголемено производство на млеко. Дефицитарен производ е од една страна што бројката на стоката во државата драстично се намалува. Само во општина Прилеп во 2018 година намалена беше бројката околу 3500 до 4000 крави. Ако на ниво на држава до лани се произведуваше околу 350 000 и 400 000 литри, таа бројка оваа година е намалена. Во однос на потрошувачката спрема популацијата на населението, зависни сме од увоз на преработено млеко“, рече Небрежанец.

Дел од сточарите во Пелагонија велат дека ценовните диспаритети, скапите ветеринарни услуги и нови технологии, откупни цени, макотрпна работа во фармите, наметнувањето на построги критериуми за квалитет на млекото со години наназад го ситнат фондот со говеда.

Од Млекарницата АД „Битола“ велат дека преземаат мерки за зголемување на суровинската основа во млечната индустрија. Во таа насока спроведуваат програмата за поддршка на увозот на стелни јуници, а фондовите за таа цел годинава велат дека се седумкратно зголемени.

„Состојбите во Македонија се такви да на пазарот односот меѓу понудата и побарувачката е напнат малку изедначен. Затоа работиме не само на квалитетот туку и на приносите. Програмата за зголемување на грла добиток секако дека ќе придонесе кон зголемување на тие количини. Главен предизвик ќе биде и да работиме на квалитетот на мекото за да можеме да ги достигнеме тие ЕУ стандарди“, рече Ѓорги Петрушев генерален директор на Млекарницата.

Од Подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Битола велат дека намалувањето на сточниот фонд во битолскиот регион не е така драстично.

„Интензивно работиме на проблемите кои ги имаат сточарите. Намален е сточниот фонд, се намалува, но не е така драстично намалувањето во битолскиот крај. Во делот на говедарството, млекото што се дава е намалено, но не во голема мера зашто експанзијата што ја прави ЗК Пелагонија во битолско го надополнува тој недостаток“, вели Методија Илиевски, подрачен началник за земјоделство во Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG