„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, зашто немаме резервна Татковина“, рече новиот претседател на РСМ, Стево Пендаровски во инаугуративниот говор во Собранието, а Славиша Ангелковски коментира со реторичко прашање: „Откако ја продадовте цела држава помирување? Е, тоа малку потешко ќе оди...“ Борис Апостолов исто така има негативен став: „Со предавници нема помирување!“
Ели Нешовска и Трајче Трајанов му ја честитаат функцијата на претседателот Пендаровски, а Јован Коцев прашува за построената претседателска гарда пред Вила Водно: „Каква армија е оваа?“ Но Калина Хајба му одговара: „Па, македонска, и лани беше истата, што сакаш да кажеш, ај, доста раздор, ми се смачивте!“ Фадил Авдули постирал: „Добредојдојдовте, наш претседателе, нека ти е вековна функцијата“, а Мими Мими мошне кратко: „Чао, Хорхе!“
По информацијата за инаугурацијата на новиот претседател, потпишан со Џорџ Ангел налутено коментирал: „Ти си албански претседател и нема никогаш да бидеш претседател на Македонците“. Игор Стојановски ја употребува познатата изрека: „Каков народ, таков претседател“.
На нашата ФБ страница има повеќе постови и коментари по изјавата на министерката за одбрана и потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска за тоа дека таканаречената „метла“ што ја најави премиерот Зоран Заев не е само прашање на персонални рокади и промени. Лута Ахмети препорачува: „Никако рокади, тие што не ги бива на едно место нема да се подобри на друго. Има и непартиски луѓе кои се многу поуспешни од таквите со книшки“. Александар Бошковски контра Шекеринска: „Ај да почнеме со тебе, што направи досега?“
Неделното интервју на РСЕ овојпат беше со францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, кој покрај другото зборува и за потребата од натамошни реформи, како во судството, на пример, и дека неговата земја е свесна за големите досегашни напори, но рече, „за секое дрво ќе судиме според плодовите што ќе ги даде и ние сакаме Западен Балкан да ѝ се приклучи на ЕУ...“ Владе Петровски ги коментира неговите изјави враќајќи се во не толку далечната историја дека Европа ја растурила Југославија зашто била независна и економски силна, дека направила граѓанска војна... „и вие господа од ЕУ му туривте отров во коренот на дрвото и го исушивте и сега не знам што плодови чекате од суво дрво?“ Бранислава Личеноска го исправа Владе Петровски: „Тоа го направија Милошевиќ и Туѓман“, а Јован Наумовски Кечеги му порачува на францускиот амбасадор: „Поддржете го (Западен Балкан) како што треба, партнерски. Не сеирџиски“.