Достапни линкови

Полицијата апси, бизнисот со кокаин цути


Полицијата во текот на изминатата ноќ спроведе голема акција за сузбивање на трговија со кокаин. Обезбедни биле многу докази за купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, директори, банкари...

Полицијата спроведе акција во скопските населби Чаир и Ченто и во село Грушино скопско за сузбивање на криминална група вклучена во организирање на набавка на кокаин, кој бил продаван и разнесуван на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата, сооопшти МВР.

Според информациите, ќе бидат поднесени кривични пријави против четири лица и тоа двајцата од населбата Ченто, еден од населба Чаир, а четвртиот е од село Арачиново. Тие се осомничени за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“.

Криминалистичката истрага се спроведувала во изминативе три месеци против четиричлената организирана криминална група од Скопје, која се занимавала со набавка на поголема количина кокаин, кој бил препакуван, мешан и продаван на корисници на подрачјето на Скопје.

Од полицијата наведуваат дека преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со големи износи на пари, кои ги инвестирале во купување на луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи.

„За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица“, се наведува во соопштението на МВР.

Од полицијата информираат дека операцијата започнала во моментот кога лидерот на криминалната група се обидел да ја напушти државата, а бил приведен на меѓународниот аеродром „Скопје“, со поголема количина пари. Исто така од слобода се лишени уште двајца членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата е приведен во текот на ноќта при обид за бегство од лишување од слобода во неговиот дом.

Акцијата ја спровеле Јавна Безбедност - Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции при МВР, а во тесна координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Запрашан за големата полициска акција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави:

„Се што има благовремено ја информираме јавноста и ако било што има или имало ќе знаете, но не очекувајте дека акциите ќе ги правиме преку ТВ екраните и камери“, изјави Спасовски.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека до акцијата доаѓа по информациите кои кружеа во јавноста дека во државата и натаму е присутен бизнисот со дрога и дека во него има вклученост од сите структури, а во некои случаи дури и логистика од припадници на МВР. Трајанов претпоставува дека операцијата е изведена во соработка со странски служби. Тој оценува дека акцијата е успешна, но порачува дека активностите треба да продолжат, дополнувајќи дека присуството на консументи и транзитот на дрога преку Македонија е многу присутна.

„Треба двонасочно да се одвива, да се сечат каналите преку кои се врши транзит на дрога, но и да се води сметка за состојбите во Македонија врзани со консумирање на различни видови дроги зашто тоа ја разорува младата генерација и затоа е опасност од висок степен. Полицијата, според искуствата, подолго време работи на разоткривање на овие канали, тие се затворени преку кои тешко се пробиваат информации. Клучно е полицијата и припадниците кои работат на сузбивање на нарко бизнисот да бидат имуни на влијанија и на пари“, вели Трајанов.

Тој побара да се разбере дека МВР, но и другите институции треба да бидат многу поангажирани во сузбивање на оваа појава

„Ги следите информациите само колкумина имаат последица од дрога условно од некаков нечист кокаин кој делува на кардиоваскуларниот систем. Тоа покажува дека во Македонија една од главните опасности и натаму е нарко бизнисот и наркоманијата. Консументи има многу од високите ешалони, па сè до најниски структури кои користат најнеквалитетна дрога“, вели Трајанов,

Една од поголемите акции на полицијата беше пред две години кога македонската и српската полиција, во координација со американската ДЕА во куќа во Тетово ја открија најголема лабараторија за синтетичка дрога на Балканот. Полицијата тогаш откри над 125 килограми синтетичка дрога чија крајна цел беше Турција, а вредноста на дрогата надминуваше 2,5 милиони евра.

Во врска со бројот на зависници, во изминатиот период упатените постојано укажуваат дека од осамостојувањето на државата започнува зголемената употреба на дрогата. Земјата од транзитна, се претвора во потрошувач. Нема официјална статистика за бројот на зависници во државата. Се претпоставува за бројка од 7 до 8 илјади зависници од тешки дроги како кокаин, хероин и амфетамин. Упатените велат дека е намалена и возрасната граница на наркозависници.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG