Достапни линкови

Адеми: Си заминувам чист од Министерството за култура


Асаф Адеми
Асаф Адеми

Асаф Адеми од Алтернатива на Африм Гаши, поради здравствени причини, си поднесе оставка на местото Министер за култура. Тој е втор министер што се збогува со оваа позиција во владата на Зоран Заев, а вели дека си заминува со нула корупција во својот ресор.

По нецела година откако лани на 4 јуни, како прв член од Движењето Беса кој стана министер во владата на премиерот Зоран Заев заменувајќи го Роберт Алаѓозовски, Асаф Адеми си заминува од Министерството за култура. Во своето обраќање до јавноста кое го стори од седиштето на партијата Алтернатива, тој ќе рече дека одлуката ја донел во консултација со својот пријател, претседателот Африм Гаши и дека тоа го сторил на 22 април кога побарал од Претседателството на матичната партија да му дозволат од здравствени причини да се повлече од функцијата министер за култура. Вели дека неговото барање било прифатено, но дека притоа, со идеја да не влијаат на изборниот процес од претседателските избори, одлучиле тоа да биде објавено по нивното завршување. Дополнува дека за него било предизвик да ја претставува Алтернатива на достоинствен и искрен начин, дека останува оптимист оти успеал на оваа функција иако остава простор јавноста да оцени дали успеал во тоа.

„Сакам да истакнам дека со ова политичко искуство научив уште една работа – во животот пред сè важен е образот. Денес сум овде пред вас и пред сите граѓани исто како што бев и пред да станам министер. Немам потреба ниту да се кријам од некого, ниту да се жалам од некого. Си заминувам чист од Министерството за култура. Зборувавме за правда и јас владеев праведно. Зборувавме за транспарентност и јас владеев транспарентно. Зборувавме за морал и јас владеев со нула корупција“, потенцира Адеми.

Во својата експликација тој ќе каже и дека за време на неговото владеење дословно е почитуван законот, дека во тој период унапредени се десетици вработени во Министерството за култура кој никој никогаш не ги прашал од која партија се и затоа Адеми нималку не се срами да застане пред судот на јавноста истакнувајќи дека тоа, впрочем, е и најважното нешто за еден политичар.

До назначувањето на нов министер за култура, Асаф Адеми ќе остане да ги извршува своите работни задачи во овој ресор, а прашан дали ќе остане достапен за Државната комисија за спречување на корупција која до крајот на мај треба да излезе со резултатите од Годишниот конкурс за програми од национален интерес истакнува дека нема намера „да бега“ никаде.

„Јас сум тука. Не одам нигде. Немам намера ниту да се кријам, ниту се плашам од некого. Моето владеење беше чесно, транспарентно и секогаш бев достапен за сите органи“, смета сега веќе екс-министерот.

Прашан за тоа дали местото министер за култура во меѓупартиските пазарења на власта и натаму останува за Алтернатива, Асаф Адеми со изјава дека од информациите што ги има оваа позиција ќе остане повторно за нив, но дека остава простор времето да покаже на каква солуција ќе се реши премиерот. Како министер во заминување, тој и со порака дека секој нареден министер ќе ја има неговата потполна соработка како да се справи со проблемите во овој ресор.

„Кога отидов во Министерството наследив хаотична состојба. Со нова систематизација која беше донесена само на еден ден пред моето назначување на функција. Наследив луѓе кои плачеа на своите работни места. Во текот на моето владеење никогаш никого не сум го прашал од која политичка партија доаѓа и што размислува околу политичкиот ангажман. Мојот ангажман беше од аспект како да ја унапредиме културната политика, односно културниот живот во Република Македонија. Унапредувањата што се случија во Министерството беа исклучиво од професионален аспект. Затоа секогаш ќе му бидам достапен на новиот министер за совет ако тој има потреба од тоа. А, ако ме прашувате дали имам направено некоја грешка, јас мислам дека немам. Искрено сум горд што не сум искористил ни денар од буџетот на Министерството за култура за мои лични потреби и дека моето владеење од луѓето кои сакаат така да го паметат ќе се памети со нула корупција“, вели Адеми.

Инаку, кога сме веќе кај паметењето ќе има и такви кои Адеми ќе го паметат по напорите да бидат донесени и да почнат да се спроведуваат Колективниот договор и Законот за култура, а други по изневерените очекувања од резултатите на актуелниот Конкурс за програми од национален интерес на Министерството за култура по што следуваат бројни претставки и одредени корекции.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG