Покрај религиозната симболика, посетата на папата во Скопје има големо политичко значење, велат упатените, според кои, меѓу другото, со неговото доаѓање тој испраќа своевидна порака за поддршка на Северна Македонија за нејзината евроатланска ориентација. Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека папата доаѓа во многу значајно време, а тоа е периодот во кој, според него, државата успеа да реши некои спорови со соседите преку потпишување на соодветни договори.
„Папата е голем државник за кој иако се мисли дека раководи само со Католичката црква, тој во исто време има влијание и во европските и светските кругови за решавање на различни спорови и тешки прашања кои се јавуваат насекаде низ светот. А, Балканот е таков терен за кој неговото доаѓање може да помогне да се решат и некои работи на подобар начин отколку во минатото“, вели Благој Зашов.
Зашов не очекува папата да испрати директни политички пораки зошто, како што додава, се работи за вешт дипломат.
„Тој е голем дипломат и можеби нема да брза сега нешто да изјави, но верувам дека, ако не сега, подоцна тој и јавно или преку контактите со светските државници, ќе го спомене и нашиот придонес кон решавањето на отворените прашања со соседите“, вели Зашов.
Премиерот Зоран Заев посетата на папата ја најави како историска и ја опиша како охрабрување дека доаѓаат подобри времиња за земјата.
„Оваа благопријатна чест што ја добиваме, а тоа е токму во нашата земја да биде присутен светиот отец, ќе биде сфатена како охрабрување да бидеме подобри луѓе, да си помагаме, да гледаме позитивната страна, да градиме пријателство и духот на пријателството да го одржуваме и да не охрабри сите нас дека доаѓаат подобри времиња. Честа е огромна. За нас тоа е и афирмација пред целиот свет, но и можност да се покажеме како добри домаќини,“ изјави премиерот Заев.
Надлежните уверуваат дека во функција на успешна реализација на посетата се преземени сите неопходни мерки и активности во координација со надлежните служби од земјата и Ватикан.
На светата литургија која на 7-ми мај папата ќе ја одржи на Плоштадот Македонија граѓаните не смеат да аплаудираат, ниту да му фрлаат цвеќиња. Граѓаните кои ќе се движат кон Скопје со автомобили и автобуси треба да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање, а се препорачува тоа да биде официјалното лого за посетата. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса на која се очекува да присуствуваат најмалку 15.000 верници.
Папата Франциск покрај литургијата на плоштадот ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Во спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија ќе се сретне со поглаварите на сите верски заедници.
Доаѓањето на овој исклучителен државник се случува во годината во која Ватикан и Република Северна Македонија одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи.