Достапни линкови

Волшебната виолина на Баиба Скриде во „Нов свет“ на Филхармонија


Баиба Скриде, виолинистка од Латвија
Баиба Скриде, виолинистка од Латвија

„Нов свет“ е насловен концертот на Филхармонија што ќе се одржи во среда на 8 мај, во 20 часот, а на кој како солист ќе настапи врвната виолинистка од Латвија, Баиба Скриде. Диригент на концертот ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел, а ќе биде изведена и прочуената Симфонија бр. 9 од Дворжак.

На нецела недела по тродневното претставување со Бостонскиот симфониски оркестар под диригентство на Андрис Нелсон и светската премиера на „Етер“, делото за виолина и оркестар на наградуваниот американски композитор Себастијан Кариер, Латвијката Баиба Скриде доаѓа во Скопје. Славната виолинистка ќе настапи на концертот на Филхармонија насловен „Нов свет“ и за македонската публика ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll, оп. 77 од Дмитриј Шостакович, кој рускиот композитор му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.

Родена на 19 февруари 1981 година во Рига, Баиба Скриде е уметница што ја краси виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап и љубовта кон делата што ги изведува. Од таму не случајно таа е веќе присутна на прочуените сцени во светот при што вообичаено со неа се најзначајните оркестри и диригенти на денешницата.

Токму и затоа таа во последниве години е мета на агентите за солистички настапи, а критиката за нејзините толкувања на делата од класичниот репертоар ќе забележи дека се свежи, а изведбите „чувствителни и полни животна радост“.

И кога сме веќе тука да кажеме дека Скриде, на пример, гордо застанала пред Берлинската филхармонија, дека музицирала со оркестрите на Лајпциг, Бостон и Чикаго, па и со Њујоршката филхармонија, со Концертгебау оркестарот, со Оркестарот на Париз, Лондонскиот симфониски оркестар, Шангај симфонискиот оркестар, Филармонискиот оркестар на Хонг Конг... И згора на тоа со диригенти како што се Марин Алсоп, Кристоф Ешенбах, Ед Гарднер, Сузана Mалки, Андрис Нелсонс, Василиј Петренко, Туган Сохиев, Симон Јанг...и други.

Во 2018 година таа имааше можност повторно да настапува со Симфонискиот оркестар на ХНК од Токио, со Јука-Пека Сарасте и на Танглевуд музичкиот фестивал заедно со Симфонискиот оркестар на Бостон и Андрис Нелсонс како диригент. И сето тоа пред стартот на концертната сезона 2018/2019, во која патем се вклучени и настапите со Би-би-си промс (турнеја), Филхармонијата Елб во Хамбург, „Музиквереин“ во Виена, Филхармонијата на Минхен, „Концертгебау“ во Амстердам, со оркестрите на Хјустон, Торонто...

Конечно Баиба Скриде е светски позната и како камерен музичар, а зад себе има и плодна дискографија. Во 2001 година таа ја освои првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“, а денес свири на виолина „страдивари“ која ѝ ја позајмува семејството преку Меѓународното друштво за виолина „Беар“.

И, кога сме веќе тука да кажеме дека Баиба Скриде е третата Латвијка што во последниве три години застанала пред нашиот национален симфониски оркестар по виртуозот на хармоника и една од најатрактивните млади музички уметници денес Ксенија Сидорова и оперската дива Елина Гаранча.

Од друга страна, роден 1956 година во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во почетокот на 1970-тите години емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, во класата на проф. Менди Родан.

Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во оваа земја.

По турнејата во поранешната СССР, која за него била мошне значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар добил статус на еден од најпопуларните симфониски ансамбли, изведувајќи стотици дела и надвор од земјата.

Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четириалбуми. Тогаш го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој прераснал во еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со Бразилскиот симфониски оркестар заминал на турнеја и во САД, каде што во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центар одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и од критиката.

За време на својата плодна досегашна кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиски оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на интернационалниот натпревар за диригенти „Лорин Мазел“ (2002).

Неговиот репертоар е широк и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мајсторски курсеви на значајни универзитети во светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG