Вести
Лани во светот снемало 12 милиони хектари тропска шума
На планетата земја во 2018 година снемало повеќе од 12 милиони хектари тропска шума, што е колку површината на Никарагва, соопшти светскиот институт за природни ресурси. Како што наведува институтот со седиште во Вашингтон, од вкупната површина шума која исчезнала, 3.64 милиони се примарни тропски шуми кои се од огромно значење за климата и биодиверзитетот. Според платформите со кои се надгледуваат шумите во светот 2018 година се рангира како четврта најлоша година кога е во прашање намалувањето на шумите, а претходните три најлоши години се 2014, 2016 и 2017 година. Овој проблем најмногу ги засега Бразил, Индонезија, Демократска република Конго, Колумбија и Боливија.
види ги сите денешни вести
Гостиварец осомничен за силување на 13-годишно девојче
Дваесетидвегодишник од Гостивар е осомничен за кривично дело - силување на дете кое не наполнило 15 години, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).
Основното јавно обвинителство Гостивар, како што се наведува, повело истрага поради основано сомнение дека осомничениот на 2 јануари принудил на сексуален однос 13-годишно девојче.
„Со жртвата се запознале преку апликацијата ‘Снеп-чет' и започнале да контактираат и да се гледаат. Кога девојчето не сакало повеќе да излегува со него, осомничениот вршел притисок и на критичниот ден ја принудил да ги остави другарите и да влезе во неговиот автомобил. Потоа и го одзел мобилниот телефон, ја натерал на однос против нејзина волја, заканувајќи и се да не кажува никому“, стои во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи би можел да се даде во бегство, да влијае врз детето-жртва и други сведоци или да го повтори делото, наведуват од ЈОРСМ.
Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени или една од осум во светот, биле жртви на силување или сексуална злоупотреба пред да наполнат 18 години, објави во октомври 2024 Агенцијата на Обединетите Нации за децата (УНИЦЕФ).
Таа бројка се искачува на 650 милиони, или еден од пет, кога ќе се земат предвид „без-контактните“ форми на сексуално насилство, како што е онлајн или вербалната злоупотреба, соопшти УНИЦЕФ во, како што го нарече првото глобално истражување за овој проблем.
Мелони во ненадејна посета на Трамп
Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера (4 јануари) во неофицијална, ненадејна посета се сретна со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, објави нејзиниот кабинет, пренесе АФП.
Фотографиите објавени од кабинетот на екстремно десничарската премиерка ги прикажуваат Мелони и Трамп како позираат на влезот во Мар-а-Лаго и разговараат во просторијата за прием.
Нејзиниот кабинет не објави изјава ниту пак даде детали за посетата.
Фотографиите на двајцата конзервативни лидери се најдоа на насловните страници на сите италијански весници денеска (5 јануари).
Иако не беа откриени детали од нивната средба, италијанските медиуми објавија дека Мелони планира да разговара со Трамп за руската војна во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала во Иран, објави Ројтерс.
Мелони е меѓу неколкуте странски лидери, вклучително и канадскиот премиер Џастин Трудо и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои го посетија Трамп, кој треба да биде инаугуриран по втор пат на 20 јануари.
Италијанската премиерка, која ја предводи крајнодесничарската партија Браќа на Италија, се сретна со Трамп пред четиридневната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Рим, каде што се очекува да се сретне со премиерот и со папата Франциск.
Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон добија претседателски медали на слободата
Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Дензел Вашингтон се меѓу добитниците на највисоката цивилна награда во САД - Претседателскиот медал на слободата.
Американскиот претседател Џо Бајден ја додели наградата во Белата куќа на 19 од најистакнатите личности од областа на политиката, спортот, забавата, човековите права, застапувањето на ЛГБТК+ правата и науката.
„За последен пат како претседател, ја имам честа да го доделам Медалот на слободата, највисоката цивилна чест на нашата нација, на група извонредни, навистина извонредни луѓе“, рече Бајден.
Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон беше пречекана од толпата со аплауз, а почестени беа и филантропот Џорџ Сорос и актерот Дензел Вашингтон.
Постхумно беа доделени четири медали - на Џорџ В. Ромни, поранешен гувернер на Мичиген и секретар за домување и урбан развој, поранешниот јавен обвинител и сенатор Роберт Ф. Кенеди, Еш Картер, поранешен секретар за одбрана и на Фани Лу Хамер, која ја основаше Демократската партија за слобода на Мисисипи и ги постави темелите за Законот за правото на глас од 1965 година.
Белата куќа објави дека победниците дале „пример за придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на Соединетите Американски Држави, светскиот мир и други значајни општествени, јавни или приватни иницијативи“.
Меѓу наградените се и филантропи - готвачот Хозе Андрес, директор на хуманитарната организација „World Central Kitchen“, и активистот и водач на рок групата U2, Боно Вокс.
Признанија добија и фудбалерот Лионел Меси, кошаркарската легенда на Лос Анџелес Лејкерс Ервин „Меџик“ Џонсон, актерот Мајкл Џеј Фокс, познат по неговото застапување за истражување на Паркинсоновата болест, главната и одговорна уредничка на модниот магазин „Вог“ Ана Винтур, модниот дизајнер Ралф Лорен и други.
Претседателскиот медал на слободата е доделен 654 пати од 1963 година.
Значајни добитници на Медалот на слободата во минатото се Мартин Лутер Кинг Јуниор и Мајка Тереза.
Ден на жалост во Србија поради масовното убиство во Цетиње
На територијата на Србија, денеска (5 јануари) е Ден на жалост поради масовното убиство во Цетиње, Црна Гора, што се случи во средата на 1 јануари.
Ден на жалост прогласи Владата на Србија на седницата одржана во саботата.
Ацо Мартиновиќ од Цетиње на 1 јануари пукал и убил 12 лица, а потоа се самоубил. Меѓу убиените има и две момчиња на возраст од 13 и 8 години. Во Клиничкиот центар во Подгорица се лекуваат четири лица.
Граѓаните на повеќе градови во Србија запалија свеќи за загинатите во Цетиње, студентите дополнителни 12 минути го продолжија 15-минутниот молк за жртвите од трагедијата во Нови Сад, а државните претставници изразија сочувство до црногорските колеги и народот.
Во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост од 2 до 4 јануари, додека ентитетот на БиХ, Република Српска, го прогласи 3 јануари за Ден на жалост.
Сончево време со мала до умерена облачност
Утрото е студено со наместа ниска облачност, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени, а во Скопје, до максимални 6 степени.
Според УХМР, утрово најниска температура во земјава од -11 степени Целзиусови е измерена на Попова Шапка. Висината на снежната покривка измерена во 7 часот е 52 см на Попова Шапка и 44 см во Маврови Анови.
Дипломатски судир меѓу Иран и Италија поради апсења
Иранското Министерство за надворешни работи го повика италијанскиот амбасадор поради апсењето на Мохамад Абедини, кого САД го бараат поради неговата наводна вмешаност во смртоносниот напад со беспилотно летало врз американска база во Јордан.
Абедини беше приведен на аеродромот Малпенса во Милано на 16 декември 2024 година, на барање на американските власти кои го обвинија дека им пркоси на санкциите и дека пренел чувствителни делови од беспилотни летала на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран.
Според американските правосудни власти, компонентите биле користени во напад со беспилотно летало во Јордан во јануари 2024 година, во кој загинале тројца американски војници. Иран негираше дека е вклучен во нападот.
Дипломатскиот потег на Иран на 3 јануари дојде еден ден откако италијанското Министерство за надворешни работи го повика иранскиот амбасадор во Рим во знак на протест поради апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала, која беше приведена во Техеран на 19 декември 2024 година.
Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Сала, која има подкаст наречен „Приказни“ кој го покрива животот на различни места низ светот, била во Иран за да извршува „новинарски активности“.
На состанокот со италијанскиот амбасадор на 3 јануари, Маџид Нили Ахмадабади, генерален директор за Западна Европа во иранското Министерство за надворешни работи, рече дека апсењето на Абедини е „незаконско“ и повика на негово итно ослободување, според државната новинска агенција Исламска Република.
Ахмадабади, исто така, наводно рекол дека Соединетите Држави се обидуваат да „земат ирански државјани како заложници низ целиот свет“.
Иранските власти молчат за случајот на Сала од нејзиното притворање во декември 2024 година. Откако италијанските медиуми го објавија нејзиното апсење, иранското Министерство за култура објави само дека таа ги „прекршила законите на исламската република“, без да даде дополнителни детали.
Соединетите Држави го нарекоа „одмаздничко“ притворањето на Сала, која беше уапсена три дена по Абедини од страна на Иран. Организациите кои ги следат медиумите, Репортери без граници и Меѓународната федерација на новинари, го опишаа нејзиното апсење како „произволно“ и со цел „изнуда“.
Според веб-страницата на дневниот весник „Ил Фољо“, каде работи Сала, Апелациониот суд во Милано ќе одржи рочиште за случајот на Абедини на 15 јануари.
Неколку европски земји и Соединетите Држави го окарактеризираа апсењето на западните граѓани од страна на Исламската република како „заложничка дипломатија“, тврдејќи дека Иран ги користи овие притворања како договори за пазарење во преговорите со Западот.
Во декември 2024 година, судот во Техеран го осуди Реза Вализаде, двоен американско-ирански државјанин и поранешен новинар на Радио Фарда (иранскиот сервис на РСЕ), на 10 години затвор за „соработка со непријателска влада“.
Вализаде работеше една деценија за Радио Фарда, до ноември 2022 година. Тој го посети своето семејство во Иран на почетокот на 2024 година, пред да биде приведен на 22 септември.
Партиски преписки околу заслугите за патот Страцин - Крива Паланка
Власта и опозицијата си разменија политички преписки за тоа чија заслуга е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, кој беше официјално пуштен во употреба денеска (4 јануари).
„Во јули 2024 година кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница немаше ставено ниту еден сантиметар асфалт, а денес се фалат дека останале само завршните работи. Работите беа крајно забавени. Кога дојдов за директор на ЈПДП, за мене беше предизвик и затоа одлучив целосно да се посветам на овој проект и поставив цел да се заврши до крајот на 2024 година, задоцнивме само три дена“, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба.
„Народот знае дека шајка не заковаа 7 години“, стои во денешното соопштение од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година, вели пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, кој беше министер за транспорт и врски додека сега опозициската партија беше на власт.
„Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година. За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат“, вели Бочварски.
Патот не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски на отворањето.
„Имаше и такви кои денес направија политичка промоција и наместо да им се извинат на граѓаните дека не успеале во изминатите шест години да направат нешто, денес истрчаат да соберат политички поени. Сакам да порачам дека ова е пат на граѓаните, ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитот ќе биде враќан од парите на граѓаните и затоа никој не смее да го присвојува“, рече Мицкоски.
Министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија.
Со пуштањето на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути.
Патот е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.
На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини. Изградбата е почната во мај 2018 година, од интензивно се работеше во последните шест месеци.
Воената хунта во Мјанмар амнестира илјадници затвореници
Воената хунта која владее со Мјанмар денеска (4 јануари) објави дека ќе помилува речиси 6.000 затвореници по повод годишнината од независноста на земјата.
„Наскоро ќе бидат помилувани повеќе од 5.800 затвореници, меѓу кои околу 180 странци“, објавија воените власти, по повод одбележувањето на 4 јануари 1948 година, кога земјата стана независна од Велика Британија, пишува АФП и пренесува Бета.
Помилуваните странци ќе бидат протерани од земјата, иако не се соопштува ниту причината за притворањето, ниту нивната националност.
Армијата соопшти дека одлуката е донесена од хуманитарни причини и најави дека доживотните казни на 144 осуденици ќе бидат заменети со 15 години затвор.
Од пучот во февруари 2021 година, со кој заврши краткиот демократски период во Мјанмар, војската уапси илјадници луѓе.
Во земјата има засилени превирања по државниот удар што ги разгоре борбите со бројни вооружени етнички групи кои со децении се борат со војската за да добијат автономија и контрола над богатите ресурси како што се жад, дрво и опиум.
Властите редовно амнестираат илјадници затвореници за време на будистичките празници. Во 2024 година, воената хунта ослободи над 9.000 затвореници, тогаш и по повод годишнината од независноста.
Годишната церемонија беше организирана на 4 јануари во главниот град Најпидав со силни безбедносни мерки и присуство на околу 500 членови на владата или армијата. Заменик-началникот на армијата Сое Вин одржа говор наместо водачот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг, кој не беше присутен.
Сое Вин го повтори повикот на хунтата до десетици вооружени етнички групи кои се борат против армијата да го положат оружјето и „мирно да ја решат политичката ситуација“.
Тој повтори дека владата се обврзува на организирање демократски избори и повика на национално единство.
Американски функционер потврди дека ќе има санкции за НИС, вели Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 јануари) изјави дека американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина Хозе Фернандез му потврдил дека земјата ќе воведе директни санкции за српската нафтена индустрија (НИС).
„Ќе воведат санкции, не некои генерални, општи, не само финансиски, туку севкупни санкции против нашата компанија НИС. Тоа нема да бидат санкции против компании кои имаат руска сопственост или оние кои се финансирани од руски банки, туку ќе бидат директни санкции против нашата компанија НИС“, рече Вучиќ на владина седница.
Како што додаде, Вашингтон ќе и даде на Србија 30 дена „да ја процениме ситуацијата и да преземеме мерки, а во рок од 60 дена сè да завршиме“.
Тој повторно и предложи на Владата на Србија да формира два тима под координација на премиерот, со цел да се разговара со американската и руската страна.
Посочи дека Србија има добри врски со луѓе од администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и најави дека ќе побара средба со рускиот претседател Владимир Путин во втората половина на јануари.
Српскиот претседател соопшти и дека се сретнал со американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, со кој меѓу другото разговарал и за воведувањето санкции за НИС.
„Ги сумиравме настаните и резултатите од соработката од претходната година и разговаравме за натамошното унапредување на билатералните односи во различни сфери на општественото живеење, особено инфраструктурните проекти, како патните така и во енергетиката. Тема на разговор беше и воведувањето на санкции против НИС“ напиша Вучиќ на Инстаграм.
Да потсетиме, Вучиќ на 13 декември изјави дека САД „за неколку дена“ ќе воведат санкции против НИС поради руската сопственост во некогашната државна компанија.
Десет дена подоцна, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил изјави дека „нема најави“ дека ќе бидат воведени санкции за НИС.
Хил тогаш за јавниот медиумски сервис изјави дека „има загриженост“ за тоа дали НИС во руски раце некако помага во финансирањето на војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Гаспром Нефт и нејзината чадор компанија Гаспром.
Европската унија и САД го ставија Гаспром Нефт на црната листа во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Гаспром не е опфатен со санкции од Западот.
И покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.
Казни до 20.000 евра за нефер трговски практики, најави Ристески
Ако имало нефер трговски практики, Комисијата за заштита на конкуренцијата може казнува и до 20.000 евра, порача заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Казните предвидени во Законот за нефер трговски практики кој е во функција според директива на ЕУ од 28 септември, почнаа да се применуваат со почетокот на 2025 година. До крајот на 2024 процесот се следеше со мониторинг.
„Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат утврдени неправилности казните се 20 000 евра“, вели Ристески.
Со законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Ристески нагласува дека контролата ќе биде строга, а комисијата ќе може да влезе во фирмите и да ги проверува договорите по дојава.
Според него, ефектот на подолг рок е стабилизација на цените на производите.
„Рабатот е ограничен на 10 проценти во текот на годината. Сето тоа ќе создаде еден ред во сета таа работа со трговските практики каде рабатите биле големи, и до 35-40 проценти“, додава Ристески.
Тој истакна дека ваквиот Закон кој се спроведува за првпат треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете