Достапни линкови

Неделен печат – Избори и работни места


Архивска фотографија: Гласање на референдум, Скопје
Архивска фотографија: Гласање на референдум, Скопје

Фокус ја анализира „изборната равенка“ и ветувањата за правда на претседателските кандидати, Глобус пишува за можниот бојкот на изборите, а Капитал го анализира пазарот на труд.

Фокус – Изборна равенка

На насловната на Фокус има наднаслов: „Изборна равенка“, со фотографија на која се гледа билборд на Гордана Сиљановска - Давкова со дел од нејзиниот слоган „Правда за Македонија“, и фотографија на Стево Пендаровски заедно со лидерот на владејачката партија, Зоран Заев и насловот кој како да одговара и го надополнува во исто време слоганот на Сиљановска: „За да има правда за Македонија мораме заедно напред!“ Во воведната колумна авторот потсетува дека не треба да се заборави големата слика: „Разочарувањето поради преголемите очекувања од Владата на Заев, не треба да нè заслепи и да не ја забележиме големата приказна. Ако ги доведеме во прашање договорите со соседите и Законот за јазиците, нема да има ниту меѓуетнички мир ниту надворешно политички амбиент за развој и инвестиции, ниту правда, ниту правна држава“ – пишува Фокус.

А во друг текст, неделникот потсетува дека секој гласач, пред да заокружи број пред кандидатот на гласачкото ливче, треба да си го каже стихот од песната на Френк Синатра „My way“ или „На мој начин“: „Го проголтав ама и го плукнав потоа, и се соочив со сè и не потклекнав, и направив сè што требаше, на мој начин“, пишува авторот алудурајќи на стихот од познатата песна.

Глобус - Кој спомена бојкот

И онлајн магазинот Глобус ги анализира фактите и расположението на гласачите пред првиот круг на претседателските избори в недела. „Кој спомена бојкот“ е насловен текстот поттикнат од пишувањето на една порано прилично активна новинарка која во еден свој текст сугерира саботирање на претседателските избори. Неделникот исто така наведува дека Пендаровски има повеќе приврзаници кои би гласале за него кај албанската популација, а Сиљановска - Давкова кај граѓаните Македонци. „И двајцата кандидати можат да се надеваат на успех и последните денови ќе ги минат во натамошна мобилизација на своите симпатизери, што се забележува во кампањата особено на ВМРО-ДПМНЕ која станува сè понепристојна, наместо програмска... Во секој случај, ако се изземат поизолираните медиумски фактори, за бојкотирање на изборите е веќе доцна, барем во првиот круг“, смета Глобус, не исклучувајќи ја сосема таа можност во вториот круг.

Капитал - Колку работни места создава македонската економија?

„Колку работни места создава македонската економија?“ – е прашањето поставено во Капитал за анализата од насловната страница, и веднаш потоа се читаат наведените бројки: „Економијата лани отворила 18.406 нови работни места, секое четврто било во економските слободни зони“. Неделникот наведува дека до крајот на 2018 година во земјава биле вработени вкупно 759.054 луѓе, што е за 2,5% повеќе отколку годината претходно. Капитал наведува дека стапката на невработеност во земјава лани се намали на најниско ниво досега од 20,7% во однос на активното население, односно оние што бараат работа. И Светска банка во својот последен извештај ги коментира подобрувањата на состојбите на пазарот на труд нотирајќи дека „вработеноста се зголеми за 2,5% на годишно ниво“, пишува Капитал, наведувајќи ја и загриженоста на Светска банка во извештајот дека повеќе од половина од работоспособното население на возраст од 15 до 64 години е сè уште невработено или не бара работа, како и високата невработеност кај младите.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG