Со предлог-законот се предвидува инсталирање опрема за контрола на интернет сообраќајот преку сервери во Русија.
Тоа ги зголемува овластувањата на државните агенции и им отежнува на корисниците да ги заобиколат владините ограничувања.
Предложениот потег предизвика протести на неколку илјади луѓе во Москва во минатиот месец.
Противниците сметаат дека ова ќе и овозможи на државата да го контролира протокот на информации и да ги блокира апликациите за пораки кои одбиваат да разменуваат податоци.
Поддржувачите на законот сметаат дека не станува збор за ширење на овластувања за контролирање на интернетот.
Според нив, станува збор за одбранбена мерка во случај Русија да биде отсечена од интернет од страна на Соединетите држави или други непријателски сили.
Николај Земцов, пратеник кој го поддржа предлог-законот вели дека во иднина Русија би можела да соработува со поранешните советски држави во свој интерент каде што ќе има ограничување на вестите од западни медиуми.
„Секогаш постои алтернатива, можеби сега помалку гадости ќе бидат фрлени врз нашите глави кои сега ги добиваме во изобилие од западните медиуми. Можеби со нашиот ограничен, суверен интернет ние само ќе бидеме посилни“.
Сергеј Бојко, претседател на Руската слободарска партија и гласен критичар на законот, рече дека законот ќе доведе до деградација на рускиот интернет.
„Бидејќи луѓето сфаќаат дека се повеќе и повеќе се ограничува нивната слобода. За многу руски државјани, особено за младите, интернет е многу важна работа, бидејќи таму работат, се забавуваат, се среќаваат, комуницираат итн“.
Предлог-законот мора да помине во Горниот дом на парламентот пред да биде потпишан од претседателот Владимир Путин.