Достапни линкови

Неделници - Постизборни прегрупирања и игнорирање на внатрешноста


Архивска фотографија: Лидерска средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, БЕСА, Билал Касами
Архивска фотографија: Лидерска средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, БЕСА, Билал Касами

Фокус анализира за можните прегрупирања во партиските коалиции по претседателските избори, а Капитал пишува дека со погрешни политики се поттикнува миграцијата во Скопје.

Фокус - Додека соработници на Заев го бркаат Ахмети од Владата, Мицкоски го спасува од кривичен прогон

Најновиот број на Фокус, покрај другото, прави анализа за можните прегрупирања во партиските коалиции по претседателските избори поставувајќи три хипотетички, но всушност, реални прашања. Па наведува интригирачки податок дека „Додека соработници на Заев го бркаат Ахмети од Владата, Мицкоски го спасува од кривичен прогон“, алудирајќи на одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да се согласи со предлог-законот за ЈО во кој се решава и судбината на СЈО.

Претстојните претседателски избори се важни бидејќи од нив ќе зависи дали досегашните владини политики ќе бидат потврдени или оспорени, пишува неделникот, па го поставува првото прашање: Дали е можно прегрупирање на политичките сили по изборите? Дали СДСМ ќе ја зголеми коалицијата со нови субјекти или, пак, ќе замени некој од постоечките партнери? И третото: „Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да изгради коректна соработка со албанска политичка партија и коалиција, како предуслов за формирање влада еден ден?“

Капитал - Провинцијата полека умира, да живее провинцијата

Капитал во најновото издание посветува анализа за локалната самоуправа во земјава и како таа функционира. „Провинцијата полека умира, да живее провинцијата!“ – е насловен текстот во неделникот во кој како појдовна точка авторот ги користи согледувањата и мислењата на учесниците на панелот „Алтернативни практики за финансирање на општините“ кој беше дел од неодамна одржаната конференција „Шанса за Скопје: Во каков град сакаме да живееме“. Поентата што авторот ја извлекува од кажаното на учесниците – градоначалници, претставници на Светска банка и на Мрежата на здруженија на општини од Југоисточна Европа – НАЛАС, е дека „Со погрешни политики се поттикнува миграцијата во Скопје“. Имено, со игнорирањето на вложување во развојот на локалните средини, Македонија сè уште е една од фискално најцентрализираните држави во Европа. Најголем број општини, наведува авторот, немаат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат законските надлежности и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. Иако има законска одредба за тоа, централните власти со години не оделуваат 1% од БДП за проекти кои треба да го „испеглаат“ рамномерниот регионален развој во државава. Авторот како пример го цитира податокот дека „ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт издвојуваше 20 пати помалку, односно наместо 60 милиони евра, издвојуваа 3 милиони евра, сега СДСМ издвојува дупло повеќе, но тоа пак е многу помалку од предвиденото со законот“. Тоа ја прави Македонија исклучително нерамномерно развиена земја, со огромни разлики меѓу урбаните и руралните општини, кои се уште поголеми ако се споредуваат разликите меѓу Скопје и остатокот од државата. Затоа и е толку изразена тенденцијата на доаѓање и населување во главниот град, е еден од заклучоците на текстот во Капитал.

Глобус - Во Македонија нема практична подготовка на работници

„Најголем проблем е што во Македонија нема практична подготовка на работници. Од една страна во одредени области има презаситеност од стручни кадри, а во други области има недостиг. Многу се оди на теорија, а малку на практична работа“, вели Славче Таневски, еден од најмладите дизајнери во фабриката на Мерцедес, во разговорот за Гласот на Америка на македонски, што го пренесува онлајн магазинот Глобус. Неговиот модел Мерцедес ЦЛА Шутинг Брејк ги одушеви посетителите на Саемот на автомобили во Женева, а дизајнот му е оценет како подвижно уметничко дело во стилот на дигиталната ера. Таневски додава дека „од друга страна, сите сакаат канцелариска работа, но некој треба и да произведува. Во Германија, на пример, учениците уште од мала возраст се насочуваат преку обука кон некој занает или вештина“. „Никогаш не сум имал план Б“, вели Таневски. Младиот Славче Таневски, кој од Свети Николе успеал да стигне до Мерцедес, кажува: „Од секогаш знаев што сакам да бидам, се ангажирав, се насочував кон тоа... со голема ангажираност, љубов, труд и залагање може да се успее.“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG