Достапни линкови

Првичните наоди за авионската несреќа кај Солунска Глава по еден месец


Остатоци од урнатиот авион кај Солунска Глава
Остатоци од урнатиот авион кај Солунска Глава

По завршувањето на увидот, се истражуваат причините за урнувањето на авионот кај Солунска Глава, а првичните информации најрано ќе бидат познати по 30 дена. Во несреќата загина четиричлено семејство од Бугарија.

Увидот на местото каде се урна авионот од типот Цесна заврши, при што сега продолжува истрагата за причините за несреќата во која загина четиричлено семејство од Бугарија, а првичните информации најрано ќе се знаат по 30 дена. Авионот кој летал на релација Охрид-Софија се урна завчера на околу 5 километри северозападно од Солунска Глава.

Претседателот и истражител на Комитетот за истрага на воздухопловните несреќи и сериозни инциденти при Владата, Зоран Илиевски на денешната прес-конференција рече дека авионот паднал во особено тешки услови и биле направени преку 400 фотографии и снимки од дрон, кои се важни за истрагата, а земен е и примерок од горивото.

„Денеска нема да влезам ни во претпоставки за несреќата. Би било многу неблагодарно се додека не ги анализираме сите факти. Значи првиот чекор е завршен, односно увидот“, рече Илиевски.

Тој истакна дека е воспоставена и посебна комисија за случајот, а ќе се ангажираат и надворешни експерти од доменот на цивилно воздухопловство.

„Целта наша е да дојдеме до причината. Кога ќе дојдеме до причината и на претпоставената во моментов, посебно во првите 30 дена од истрагата не би ги изложувале. Дека тој имал комуникација со контролорот кој бил оперативно на смена дека најавил дека влегол во силна турбуленција, тоа постои. Дали е тоа така истрагата ќе покаже“, смета Илиевски.

Според Илиевски, пилотот сам го прави планот на летање кој потоа го доставува и има обврска да се јавува на одредени точки.

„Значи за телата не сме надлежни. Инаку согласно закон мора да заврши обдукцијата. Таа беше денеска при крај, колку што се моите информации и сега претпоставувам веќе е завршена и знам дека денеска ќе дојдат роднините на трагично загинатите“, посочи Илиевски.

Тој додаде дека пилотот кога се наоѓал над небото на Прилеп побара дозвола за слетување во Скопје, но потоа се премислил. Целосната потврда дали му било дозволено да слета во Скопје според Илиевски, ќе се знае по преслушување на аудиото и транскриптите. Притоа тој потсети дека веќе беше демантирано дека на авионот не му била дадена дозвола да слета во Скопје поради посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Се уште нема детали за дозволата за летање на пилотот, а како што наведе Илиевски, во минатата година се воспоставила и соработка со надлежната институција во Бугарија и во план е потпишување на меморандум за соработка, а одредени се и двајца истражители од соседната земја кои ќе бидат на располагање на македонскиот тим.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG