Од АРМ најавија санкции по објавата на припадничката на АРМ Татјана Лазаровска на социјалните мрежи, која предлага да му се даде Нобелова награда на напаѓачот во Нов Зеланд. Во терористичкиот напад на 15 март на две џамии во Нов Зеланд загинаа 50 луѓе, а 40 беа повредени. Обвинет за нападот е 28 годишниот Австралиец Брентон Тарант. Но, во реакцијата на АРМ не се наведува конкретно какви мерки ќе бидат преземени.
„По сознанието од наша страна, согласно законските регулативи и надлежности е отпочната постапка за утврдување одговорност и за преземање соодветни дисциплински мерки. Генералштабот најостро го осудува секој облик на изразување било каков вид нетрпеливост, дискриминирачко однесување или поддршка на истите од било кого. Од Генералштабот е наложено до потчинетите команди и единици секогаш да се преземат соодветни мерки за спречување и најостро санкционирање во рамки на законските надлежности на било кој непримерен облик на однесување и нарушување на угледот на Армијата од страна на своите припадници“, соопштија од АРМ.
Професорката Мирјана Најчевска очекува Лазаровска повеќе да не биде дел од АРМ.
„Лично мислам дека треба да има неверојатно голема санкција. Мислам дека таа жена воопшто не смее веќе да биде дел од армијата на Република Северна Македонија. Треба да се искористи како пример за покажување зад што стои нашата армија и кои се вредностите кои што би требало да ги штити“, вели Најчевска.
Џабир Дерала од невладината Цивил вели дека застрашувачко е што тоа доаѓа од луѓе кои се занимаваат со безбедноста и лице кое има дозвола за ракување и користење на оружје во името на граѓаните.
„Тоа е една застрашувачка идеја од која гледаме опасност по самите луѓе, по самата безбедност дека едно вакво лице под некоја околност може да посегне по оружје и да направи големи штети и трагични последици може да произлезат од тоа. Говорот на омраза и делата сторени од омраза секогаш се многу блиски на чекор едно од друго“, смета Дерала.
Според Најчевска, застрашувачко е што од една страна се покажува дека има отсуство на промоција на соодветните стандарди коишто треба да ги има армијата, а кои се дел и од стандардите на НАТО и од Уставот на земјата и се однесуваат на почитување на различностите и заштита на човековите права.
„Вториот елемент којшто загрижува е огромниот пробив на говорот на омраза во нашата држава, којшто не бира слоеви кај ќе се појави. Се стекнува впечаток дека толку малку обрнуваме внимание на говорот на омраза, толку малку го санкционираме што секој се чувствува слободен да го употребува во секоја ситуација без да размислува за последиците од таквиот говор и без да размислува за пораките кои се испраќаат во етерот со таквиот говор“, додава таа.
Дерала порачува дека не се работи за осамен случај, туку говорот на омраза треба да биде сериозен аларм за надлежните, бидејќи не може да се повикува на мир, соживот и толеранција, а да има систем во кој одредени личности промовираат нешто различно.