Претседателот на оваа најголема група во Европскиот парламент која исто така е доминантна и во Европскиот совет Јозеф Дол, наведе дека за ова барање ќе се решава на 20 овој месец.
„Одлуката ја носат сите членки на Европската народна партија и не можам да предвидам каков ќе биде резултатот од расправата“, рече тој.
Односите меѓу институциите на Европската унија и лидерот на владејачката партија Фидез, унгарскиот премиер Виктор Орбан, се влошија од миграциската криза во 2015 година, кога Орбан ја покрена неговата антимиграциска политика.
Унгарија неодамна лансираше и владина информативна кампања на билборди и рекламни огласи во весници.
На нив се наведува дека претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и американскиот милијардер Џорџ Сорос сакаат да ја отворат Унгарија за мигранти.
И покрај тоа што Комисијата ги отфрли ваквите наводи, оценувајќи ги како „смешна теорија на заговор“, портпаролот на унгарската влада Ѓергели Ѓулаш во врска со тоа рече:
„Европската комисија очигледно не ја кажува вистината. Во овој конкретен случај Европската комисија треба да признае дека до овој ден го има тој предлог на маса поддржан од Европскиот парламент“.
Орбан во текот на изминатиот викенд во интервју за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ изјави дека билбордите наскоро ќе бидат насочени и против потретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс.
Портпаролот на Комисијата Маргаритис Шинас рече дека кампањата на унгарската влада „ја искривува вистината“.
„Комисијата е недвосмислена во нашето мислење за кампањите на унгарската влада што ја искривуваат вистината и се обидуваат да насликаат темна слика на таен заговор за наводна поголема миграција во Европа“.
Тој најави дека Комисијата е подготвена да одговори.
Експертите пак велат дека поддршката што Фидез ја има дома значи дека оваа партија ќе има и голема делегација во идниот состав на Европскиот парламент.
Тоа пак значи дека нејзиното отстранување од европската десница би можело да ја наруши нејзината доминација во европарламентот.