Достапни линкови

Нема зима за велосипедистот Идризи


Сенад Идризи од Тетово, велосипедист.
Сенад Идризи од Тетово, велосипедист.

Тетовскиот велосипедист не чека потопло, во јануари два пати извозел до Попова Шапка. Сенад Идризи вели дека ладното не е пречка за спортување. Секојдневно вози по стотина километри, а следни предизвици му се неколку трки во Швајцарија, Хрватска и Србија.

Додека најголем број од луѓето зимата преферираат да ја поминат дома на топло, 31 годишниот Сенад Идризи од Тетово на велосипед речиси секојдневно се обидува да извози 100-тина километри и покрај ниските температури и снегот на патиштата. Овој ентузијаст препорачува дека ладното не претставува пречка за спортување. Дури смета дека секојдневната физичка активност е квалитетна основа за подобро здравје.

„Не е проблем студот, колку што е проблем снегот, оти кај нас патиштата не се чисти, тоа е најголем проблем. Инаку за температурите има соодветна облека. Кога имаш цел не е проблем ни време ни ладно, нема такви граници што можат да те спречат. Мислам дека ладното не е проблем, напротив тоа многу влијае на имунитетот“, вели Сенад.

Само во јануари во два наврати ја поминал планинската делница од 18-тина километри до скијачкиот центар Попова Шапка.

„Шапка е потешка категорија на возење велосипед бидејќи е 18 километри. Има околу 1250/1260 метри искачување. Бидејќи се наоѓа на 1800 метри, Тетово е на 400/470 метри. На ова време се вози за саат и 40-50 минути на пример“, рече тој.

Дневната велосипедска рутина ја поминува низ полошката котлина.

„По селава, Тетово, стар пат Желино, Раотинце, Туденце, нашиов полошки регион. Круг околу Полог Тетово- Боговиње-Гостивар заокружувам на кај Чегране, Милетино, пак Туденце, Јегуновце некогаш до Јажинце, зависи од денот, како е, викендот дали е сонце. Околу 120/30 километри се бере тој круг. Често гледам од 12 до 2 тогаш е најтопло. За викенд релативно подолго возам по 3-4 саати, пет саати“, вели Идризи.

Со велосипед патувал и до други градови и држави, а најдалеку стигнал дури до Саудиска Арабија.

„Сум возел подолги тури Тетово-Сараево, Тетово-Албанија до Драч. Лани возевме со еден другар Тетово-Мека околу 3600 километри 33 дена до граница Саудиска Арабија“, истакнува велосипедистот.

Во текот на годината предизвик за Сенад ќе бидат и неколку трки за кои се пријавил во Швајцарија, Хрватска и Србија.

XS
SM
MD
LG