Достапни линкови

Економскиот форум во Давос, без светски лидери


Давос: Глобализација или национализам
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Давос: Глобализација или национализам

Од денеска до четврток во Давос, Швајцарија се одржува Светскиот економски форум. Учествуваат околу 3 илјади луѓе, но, оваа година, без западните лидери.

Глобалната несигурност, вклучувајќи го и популизмот и економскиот намален раст, фрлаат сенка на годинешниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија.

Отсуството на западните лидери оваа година, се нов предизвик за процесот на глобализација и дополнителен поттик на популизмот, оценуваат експертите.

Снежниот Давос изгледа ладно и тивко, за разлика од минатите години кога го надлетуваа хеликоптери, а обезбедувањето беше на највисоко ниво. Светските лидери ги нема. Американската делегација го откажа учеството во Давос поради проблемите со неусвоениот буџет. Британската премиерка Тереза Меј го прескокна Давос поради Брегзитот, а францускиот претседател Макрон поради внатрешната ситуација во земјата.

„Многу од овие предизвици со кои се соочуваат западните лидери се поради домашната политика. Тие треба да се справат со судирот меѓу глобализацијата и реакциите на национализмот“,

Оценува професор Александар Бетс од универзитетот во Оксфорд.

Грижите околу намалувањето на растот на глобалната економија се на врвот на агендата на годинешниот форум во Давос, на кој се присутни околу 3 илјади учесници кои ќе дебатираат на околу 400 семинари.

Клаус Шваб, основачот на форумот изјави дека очекува оти на собирот ќе има повеќе дискусии за глобалното управување.

„Кога кинескиот претседател Кси Џинпинг беше во Давос пред две години, ја потенцира потребата од одржување на глобалните системи, на глобалниот пазар, а ја нагласи и важноста на мултилатеризмот, што значи глобализација“.

Но, денес, додава Шваб, имаме потреба од две работи, - глобализацијата да биде поинклузивна и да обрнеме поголемо внимание на четвртата индустриска револуција, на новите технологии кои ни нудат уникатни можности за иднината.

На агендата на форумот се и дигитализацијата, вештачката интелигенција, како и климатските промени.

Инаку, вчера, пред почетокот на Светскиот економски форум во давос, Меѓународниот монетарен фонд ја ревидира прогнозата за економскиот раст во светот за 0.2 отсто за оваа и за 0,1 отсто за наредната година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG